ВИДЕО | Објавена е снимка: американски „томахавк“ удира кај школото во Иран во кое изгинаа девојчиња
Нова снимка ги потврдува претходно објавените информации дека основното женско училиште во Иран, во кое при ракетен напад загинаа 175 луѓе, од кои повеќето се деца, го извршила Америка, објави „Њујорк тајмс“.
Препорачано
На видеото се гледа како од реонот на училиштето веќе се извива облак од чад. Снимката, објавена иранската агенција Мер, чија автентичност е потврдена од истражувачкиот колектив „Белингкет“ и од „Њујорк тајмс“, покажува како крстосувачка ракета „томахавк“ ја погодува поморската база која се наоѓа веднаш до училиштето во градот Минаб на 28 февруари. Американската војска е единствената страна во конфликтот што користи ракети „томахавк“.
Комплет докази собрани од „Њујорк Тајмс“ – вклучувајќи сателитски снимки, објави на социјалните мрежи и други потврдени видеа – укажуваат дека зградата на основното училиште „Шаџара Тајебех“ била тешко оштетена од прецизен напад што се случил во исто време со нападите врз поморската база на Иранската револуционерна гарда.
На прашањето на новинар на Тајмс во саботата дали САД го бомбардирале училиштето, претседателот Доналд Трамп одговори:
„Не. Според мое мислење и врз основа на она што го видов, Иран го сторил тоа. Како што знаете, тие се многу непрецизни со својата муниција.“
Министерот за одбрана Пит Хегсет, кој стоеше до Трамп, рече дека Пентагон го истражува инцидентот, „но единствената страна што таргетира цивили е Иран.“
Видеото е снимено од градилиште спроти базата и покажува истрошена земјена патека низ тревнат терен и купишта урнатини кои се видливи и на неодамнешните сателитски снимки, дополнително потврдувајќи ја неговата автентичност. Снимката се совпаѓа и со други потврдени видеа направени непосредно по нападот.
New video footage shows a US Tomahawk missile hitting an IRGC facility in Minab, Iran, on Feb 28, showing for the first time that the US struck the area. The footage also shows smoke already rising from the vicinity of the girls’ school, where 175 people were reportedly killed. pic.twitter.com/4jBXrNcRJO
— Trevor Ball (@Easybakeovensz) March 8, 2026
Анализата на „Њујорк тајмс“ покажува како ракетата удира во зграда опишана како медицинска клиника во базата на Иранската револуционерна гарда. По ударот, од зградата се издигале чад и остатоци, додека во далечината можело да се чуе плачот на очевидци.
Кога камерата се врти надесно, големи облаци од прашина и чад веќе се издигаат од областа околу основното училиште, што сугерира дека е погодено кратко пред да биде погодена поморската база. Ова е потврдено со временска рамка на нападот составена од „Тајмс“, која покажува дека училиштето е погодено приближно во исто време како и базата.
Анализата на сателитските снимки покажува дека неколку други објекти во базата биле погодени во нападот со прецизни удари. Утврдувањето на точното што се случило е отежнато од фактот дека не се пронајдени видливи фрагменти од оружјето, како и од фактот дека независни новинари не можеле да стигнат до местото на нападот.
„Тајмс“ го идентификуваше оружјето на новата снимка како крстосувачка ракета „томахавк“, оружје што не го поседуваат ниту израелската ниту иранската војска. Од 28 февруари, кога започна американско-израелскиот напад врз Иран, американските воени бродови испукаа десетици „томахавк“ кон цели во Иран.
Централната команда на САД соопшти дека видеото што го објави, кое покажува како неколку ракети „Томахавк“ се лансираат од воени бродови, е направено на 28 февруари – истиот ден кога беа погодени иранската база и училиштето.
Министерството за одбрана го опишува „томахавк“ како ракета со долг дострел и висока прецизност што може да лета околу 1.600 километри. Ракетите се програмирани со точен план за лет пред лансирањето, а потоа се насочуваат кон целта.


