Климатски промени/ Фото AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

ОН: Повлекувањето на Америка од климатскиот договор е колосален автогол

Одлуката на САД да се повлечат од клучниот климатски договор на Обединетите нации е „колосален автогол“ што ќе ѝ наштети на американската економија, работните места и животниот стандард, изјави во четвртокот шефот на ОН за климата, Сајмон Стиел, пренесе „Ројтерс“.

„Додека сите други држави заедно чекорат напред, овој најнов чекор наназад од глобалното лидерство, климатската соработка и науката може само да ѝ наштети на американската економија, работните места и на животниот стандард, во време кога шумските пожари, поплавите, бурите и сушите стануваат сè полоши. Ова е колосален автогол што ќе ги остави САД помалку безбедни и помалку просперитетни,“ наведе Стиел во соопштение.

 

Американскиот претседател Доналд Трамп, отворен критичар на обновливите извори на енергија, кој климатските промени ги нарекува „измама“ и „лажна приказна“, отиде чекор подалеку од претходната одлука да ги повлече САД – најголемиот историски емитер на стакленички гасови – од Парискиот климатски договор, со тоа што ја повлече земјата и од Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (УНФЦЦЦ).

УНФЦЦЦ ги обврзува богатите индустријализирани земји да преземаат мерки за намалување на емисиите, да усвојуваат политики за ограничување на стакленичките гасови, јавно да ги објавуваат податоците за емисиите и да обезбедуваат финансиска помош за посиромашните држави во справувањето со климатските промени.

Трамп нареди повлекување на САД од 66 „расипнички, неефикасни и штетни“ меѓународни организации

Во четвртокот, американскиот министер за финансии Скот Бесент објави дека САД веднаш ќе се повлечат од главниот механизам за климатско финансирање на УНФЦЦЦ – Зелениот климатски фонд – како и од неговиот управен одбор.

САД се повлекоа и од клучното научно тело на ОН за климатските промени – Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), во чии проценки американските научници имаа значајна улога.

Овој потег предизвика критики од европски функционери и еколошки организации.

– Белата куќа не се грижи за животната средина, здравјето или за страдањето на луѓето. Мирот, правдата, соработката и просперитетот не се меѓу нејзините приоритети. Дури ни големото американско наследство во глобалното управување – изјави потпретседателката на Европската комисија, Тереса Рибера, задолжена за климатските и еколошките политики на ЕУ.

Поранешниот американски потпретседател Ал Гор изјави дека излегувањето на САД од ИПЦЦ – кој во 2007 година ја доби Нобеловата награда за мир – има за цел да посее сомнеж во климатската наука на глобално ниво, додека остатокот од светот останува посветен на климатските договори на ОН.

– Со повлекувањето од ИПЦЦ УНФЦЦЦ и од другите витални меѓународни партнерства, администрацијата на Трамп поништува децении тешко стекната дипломатија, се обидува да ја поткопа климатската наука и сее недоверба ширум светот – изјави Гор.

Трамп: Климатските промени се најголемата измама досега

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот