Омерагиќ по триумфот над Лозана: Бев позитивен дека ќе дојде шансата и ќе постигнам гол
Фудбалерите на Вардар славеа со 2:1 во првиот натпревар од двомечот во второто квалификациско коло во Лигата на конференции на УЕФА против швајцарскиот претставник Лозана.
Препорачано
Предност за скопските „црвено-црни“ донесе Роџерс Мато во 45+2 минута за 1:0, па израмнија гостите преку Диаките во 58 минута за 1:1, а конечниот епилог го постави Азер Омерагиќ во 78 минута на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје.
Реваншот ќе се игра на 31 јули, во Лозана, а победникот во третото квалификациско коло ќе игра со подобриот од дуелите Астана – Зимбру (1:1).
Своите импресии од првиот натпревар ги сподели Омерагиќ кој дефинитивно ја имаше една од своите најдобри партии до сега во дресот на Вардар:
– Искрено од почетокот сите бевме позитивни, имаше многу добра енергија пред оваа недела во соблекувалната. И како што почна натпреварот, се држевме до тоа што се договоривме. Влегувавме цело време во шанса, на почетокот јас имав две-три шанси, и затоа бев позитивен дека ќе дојде таа шанса и дека ќе постигнам гол. Со ист пристап ќе одиме и на реваншот, не застануваме тука – рече Омерагиќ.


