ОЈО Скопје ја обжали условната пресуда за сообраќајката кај Млечен и предлага затвор за обвинетиот

Основното јавно обвинителство Скопје до Апелациониот суд Скопје денеска вложи жалба на изречената првостепена пресуда на Основниот кривичен суд Скопје со која обвинетиот за сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан беше прогласен за виновен за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од две години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

– Обвинителството вложи жалба поради незадоволство од одлуката за кривичната санкција. Притоа надлежниот јавен обвинител оцени дека при одредување на санкцијата, првостепениот суд ставил акцент на олеснителните наспроти отежителните околности, што казната основно и објективно ја прави блага и неадекватна во конкретниот случај, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.

Притоа, се наведува во продолжение на дописот, Судот како олеснителна околност ја ценел слободната волја на изразено признание на вина за предметното кривично дело од страна на обвинетиот што придонело за брзо и ефикасно завршување на кривичната постапка, а воедно било и израз на подготвеност на обвинетиот да се соочи со последиците од своето дело.

– Но, јавниот обвинител смета дека признанието на вина во услови кога обвинетиот несомнено е свесен за доказите против него и за извесноста да се соочи со санкции, само по себе не треба да претставува цел на привилегирање на сторителот, особено кога се работи за кривично дело со несомнено тешки последици. Како олеснителна околност Судот ги ценел и семејните прилики и возраста на сторителот, но јавниот обвинител притоа истакна дека токму возраста од 63 години не треба да ја намалува тежината на околностите, бидејќи станува збор за возач со долгогодишно искуство од кого се очекува да ги знае сообраќајните правила и прописи, истакнуваат од ОЈО.

Од тие причини, велат од ОЈО, јавниот обвинител му предложи на Апелацискиот суд да изрече построг вид и висина на кривична санкција за обвинетото лице, односно казна затвор, како главна казна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот