Официјално: Алтипармаковски поради лични причини ја напушти Брегалница Штип
Прволигашкиот клуб Брегалница, по взаемен договор, спогодбено ја прекина соработката со искусниот 31-годишен напаѓач Марјан Алтипармаковски.
Препорачано
Играчот остави силна трага изминативе години по доаѓањето меѓу штипските „сини“, и како спортист и воопшто како личност, меѓутоа поради лични причини побара предвремен раскин на договорот, на што клубот и покрај желбата да го задржи, комплетно му излезе во пресрет.
– И покрај тоа што нашата искрена желба беше да го задржиме, сепак со оглед на фактот дека се работи за максимално коректен фудбалер кој дада сериозен придонес за развојот на тимот изминативе години одлучивме да излеземе во пресрет. Од лични причини Алтипармаковски побара предвреме да го заврши договорот, а Брегалница му посакува успех во сите идни планови и кариера – вели спортскиот директор на клубот, Никола Тонев.
Алтипармаковски одигра 40 официјални натпревари за Брегалница во Првата македонска фудбалска лига постигнувајќи и 11 погодоци.
Во својата клупска кариера беше дел од Пелистер, Ксанти, Панилијакос, Работнички, Интер Запрешиќ, Судува, Сараево, Лачи, Пирин Благоевград и Струга Трим Лум. Воедно за нашата најдобра репрезентација запиша 13 настапи и еден гол.


