Одложен бојкотот на наставата во Лабуништа, Владата им вети состанок в четврток
Жителите на струшкото село Лабуништа го одложија бојкотот на наставата што го најавија минатиот месец, бидејќи Владата им ветила состанок в четврток, на кој ќе им биде решен проблемот со каменоломите.
Препорачано
-Бојкотот се повлекува, односно одложува и очекуваме позитивен исход, соопштија од Месната заедница на Лабуништа.
Минатиот месец жителите од Лабуништа го блокираа патот Струга – Дебар, кај местото викано Кореа, искажувајќи револтот против отпочнувањето со работа на два од деветте каменоломи во селото.
Побараа од Владата и Министерството за економија да им ги одземе концесиите и двајцата концесионери да престанат со ископите, кои, како што тврдат го загрозуваат нивното здравје, за тоа доставиле и докази во кои, според нив, има основ за одземање на концесиите еднострано. Доколку институциите не преземат соодветни мерки најавија радикализација на протестите и не пуштање на децата во училиште во второто полугодие.
Јасмин Ќазимоски од Месната заедница Лабуништа тврди дека Министерството за економија и Владата се детално запознаени со проблемот. Со одлука на Влада во 2020 година беа укинати концесиите за сите каменоломи, но Управен суд со пресуда ги вратил концесиите на двајца концесионери.


