Жителите на Лабуништа на протест побараа одземање на концесиите за каменоломите
Со блокирање на патот Струга – Дебар, кај местото викано Кореа, жителите на струшкото село Лабуништа денеска го искажаа револтот против отпочнувањето со работа на два од деветте каменоломи во селото.
Побараа од Владата и Министерството за економија да им ги одземе концесиите и двајцата концесионери да престанат со ископите, кои, како што тврдат го загрозуваат нивното здравје, за тоа доставиле и докази во кои, според нив, има основ за одземање на концесиите еднострано. Доколку институциите не преземат соодветни мерки најавија радикализација на протестите и не пуштање на децата во училиште во второто полугодие.
Јасмин Ќазимоски од Месната заедница Лабуништа тврди дека Министерството за економија и Владата се детално запознаени со проблемот. Со одлука на Влада во 2020 година беа укинати концесиите за сите каменоломи, но Управен суд со пресуда ги вратил концесиите на двајца концесионери.
Бараме од Министерството за економија повторно да постапува по нашите барања, но бидејќи нивниот интерес е многу мал, ние како Месна заедница и здружението Натура Лаб обезбедивме сериозни докази за повеќе прекршувања на законите за минаерални суровини и за концесии, вели Ќазимоски.
Цитирајќи дел од Законот за концесија за можноста за одземње на концесија доколку концесионерот ги изгуби економските способности, посочи дека еден од концесионерите е голем даночен должник со неплатен данок од 35 милиони денари.
Истиот концесионер во каменоломот работи со друга фирма, што согласно законот е основ за едностран раскин на договор. Другиот концесионер и покрај што концесијата изнесува 77.000 метри квадратни излезе надвор од грнаиците на концесијата, што согласно закон, член 51, е основ за одземање концесија. Бараме од владата на Република Северна Македонија и Министерството за економија итно постапување и затворање на каменоломите со цел да обезбедиме здрава животна средина, чист воздух и подобра иднина за нас и идните генерации, рече Ќазимоски.
Алија Ќазими, правник во здружението Натура Лаб посочи дека во Лабуништа е загрозено Уставното право секој граѓанин да ужива во чиста животна средина.
Тоа можеме да го потврдиме со извештајот од ЈЗУ Здравствен дом Вевчани, каде јасно се гледа дека во последните три години имаме 1.850 респираторни заболувања, а тоа е една третина од граѓаните. Загрозени ни се нашите имоти, имаме вешт наод и мислење од овластен вештак каде се гледа дека земјоделските почви од кои со години сме живееле денес се неплодни, истакна Ќазими.
Ископите во првиот каменолом во Лабуништа почнале пред 20-тина години, по што биле регистрирани уште осум. Жителите тврдат дека правот и миризбата што излегуваат од ископите се неподносливи и влијаат на нивното здравје, потврдувајќи го тоа со медицински наоди. Еден од каменоломите што сега работи во Лабуништа бил на само 90 метри од првите куќи.