Фото: Фејсбук/Оливер Спасовски

Оди ли војничката униформа во пакет со брада и долга коса

Секоја од армиите во светот, регионот и во НАТО, во која полноправно учествува и нашата земја, си има свои пропишани акти што ги содржат правилата за изгледот на војниците.

Иако армиите од Вардар до Триглав делат сличности како учество во исти мисии и обука по исти стандарди, различниот однос на Армиите кон воениот изглед упатува на различни сфаќања за сликата и влијанието на нормите од минатото.

Носењето војничка брада во Словенија и Хрватска е прифатено и регулирано со прописи, во БиХ до неодамна беше контроверзно, а во Србија, Црна Гора но и Македонија останува да биде табу наследено од времето на ЈНА.

Како треба да изгледа војникот во АРМ

Слично како и во другите армии во светот, македонската армија функционира според правила и регулативи врз основа на Законот за служба во армијата, како и врз основа на ѕредби или правила од страна на врховниот командант, министерот за одбрана или од страна на началникот на Генералштабот.

Според „Правилникот за односите во вршењето на службата во македонската армија“ изгледот на воениот и цивилен персонал прецизно е уреден. Во него се наведува дека воениот и цивилниот персонал на служба во армијата се должни секогаш и на секое место, без оглед дали се во униформа или не, да водат сметка за своите постапки, да ја претставуваат армијата и да ги чуваат својот углед и достоинство и угледот на армијата.

– Воениот персонал на служба во армијата мора секогаш да биде уредно облечен, избричен и потстрижен. Војниците ги потстрижуваат и зулуфите во должина на половина од увото, косата да не смее да паѓа на ушите и јаката на облеката, односно да не се витка преку работ на капата, шапката или беретката. Војниците не смеат да носат брада, а ако носат мустаќи, истите тие не смеат да ја преминуваат должината на горната усна повеќе од 0,5 см и не смеат да преминуваат преку горната усна. Косата не смее да биде подолга од 5 см. Целосното потстрижување не е регулирано во однос на ограничување. Тетоважите и ставањето пирсинг не смеат да бидат на видливи места на телото – пишува во Правилото за односите во вршењето на службата во Армијата на Република Северна Македонија.

Носењето војничка брада дозволено во Словенија, Хрватска и БиХ, непожелна во Србија, Црна Гора и Македонија? 

Имено правото за носење брада во Словенија не се само што формално е дозволено, туку тие се дури и тренд кој е широко застапен меѓу војниците и постарите водници. Тоа впрочем го потврдуваат бројните слики од војниците во словенечките касарни, меѓународните вежби и словенечките контингенти кои се во мисијата КФОР или во борбената група на НАТО во Летонија.

Носењето брада во словенечката армија е популарно меѓу војниците и старешините (ФОТО: slovensavojska.si)

Правилото за служба на словенечката армија испраќа порака дека брадата може да биде симбол на гордоста и идентитетот, но и дека мора да биде во согласност со стандардите на воената служба. Во членот 41 од „Правилникот“ се нагласува важноста на чистотата и уредноста на војниците, а во членот 43 е наведено дека тие имаат право да носат брада и мустаќи под одредени услови: „мора да бидат скратени, редовно потстрижени и дотерани“.

Правилото наведува дека должината на брадата не смее да надмине 20 милиметри, односно таа да не го надмине горното копче на кошулата но и дека мустаќите или брадата не смеат да пречат во употребата на заштитна маска и друга опрема.

Носењето брада во војската е добредојдена и во Хрватска, а дозволената должина е дури и поголема од Словенија. Судејќи по фотографиите од официјалните сајтови на хрватската армија, меѓу војниците е присутна во помала мера отколку во западниот комшилак, пишува Балканска безбедносна мрежа.

Носењето брада е дозволена во Хрватска, но помалку популарна отколку во Словенија (фото: hrvatski-vojnik.hr)

Правилата за служба во хрватските вооружени сили детално го пропишуваат надворешниот изглед на војниците, вклучувајќи ја должината на косата, фризурата, мустаќите и брадата. Во член 24 од правилникот е прецизирано дека „брадата не смее да биде подолга од 0,5 см и не смее да пречи во извршувањето на професионалните обврски“.

И додека во западните и централните делови на регионот е прифатено да се носи брада во војска, таа сè уште е непожелна на потегот од Белград, Подгорица до Скопје. Регулативите на воената слика на овој дел од Балканот сè уште во голема мера се засноваат на континуитет со поранешната ЈНА, каде што не дозволувањето на носење на брадата имаше дури и идеолошки импликации.

Дека во случајот со Србија не станува збор за практичност, туку за длабоко вкоренето наследство од социјалистичкото минато, откриваат деталите од Правилникот за служба усвоен со декретот на претседателот Борис Тадиќ уште во 2012 година, кој не дозволува брада за воен персонал со исклучок на воено свештенство и резервисти.

Српска армија / Фото: Миа

Така, членот 35 им дозволува на војниците да имаат мустаќи еден центиметар поширок од ширината на долната усна и дозволува истата да биде „добро негуваната и кратка брада“.

Во Црна Гора слично е регулиран изгледот на војниците. Членот 23 од Правилникот на тамошната армија детално ги пропишува должината и стилот на косата, дозволеноста на мустаќите, и јасно кажува дека брадата мора да се избричи. Вака формулираните правила, како во примерот на Србија, укажуваат на тоа дека пропишаниот изглед на војниците не се води само од практични причини.

Поделено мислење за носење брада во армијата на БиХ

Правото за носење брада во војската со висок интензитет беше предмет на меѓупартиските и меѓунационалните дебати во Босна и Херцеговина неодамна. Ако за една национална заедница тоа преставува израз на почитување на човековите и верските слободи, за други тоа претставува наметнување „моноетнички и верски модел во војската“. Уставниот суд на БиХ, по изјаснувањето за иницијативата на Бакир Изетбеговиќ, претседателот на водечката партија на Бошњаците, донесе одлука дека војниците во Вооружените сили на БиХ имаат право да носат брада. Уставните судии, како што пренесоа тогаш медиумите во регионот, утврдиле дека „со забраната за носење брада на војниците им се нарушува правото на слобода на вера“. Во претходна постапка, Апелација, највисоката правосудна инстанца во земјата, ја отфрли тужбата од неколкумина војници што барале да носат брада додека извршуваат воена служба, објавија сараевските медиуми.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот