Дакота Џонсон - Фото: Инстаграм

Одбиена поради бизарна причина – Дакота Џонсон останала без улога затоа што била љубезна

Актерката Дакота Џонсон откри необична причина поради која еднаш не добила улога – паднала на аудиција затоа што се ракувала со креативниот тим.

Во неодамнешно интервју за „Хитс радио“, актерката раскажа дека сакала да биде љубезна, но подоцна ѝ било кажано дека поради тоа оставила впечаток дека е „помпезна“ и „вообразена“.

„Бев на една аудиција, во вториот круг, и кога влегов во просторијата, се ракував со сите и се претставив. Потоа ја одиграв сцената и си заминав“, изјавила Џонсон, пренесува „Варајети“.

„Повратната информација што ја добив беше дека сум помпезна затоа што сум се претставила и сум се ракувала со сите. Дека се додворувам и дека сум полна со себе, а јас само си помислив: ‘Молам?’ Работата не ја добив затоа што рекоа дека сум вообразена, а јас само бев љубезна… Беше навистина лудо.“

Како одговор на ваквите искуства, таа решила да се насочи и кон сопствена продукција.

Нејзината црна комедија „Сплитсвил“ (Splitsville) премиерно беше прикажана на Филмскиот фестивал во Кан минатата година, а кон крајот на август започна со прикажување во САД, во дистрибуција на „Неон“. Џонсон во филмот не само што глуми, туку и го продуцира преку својата продукциска куќа „Титајм пикчрс“, која ја основа заедно со Ро Донели.

„Голем дел од причината зошто сакав да основам продукциска куќа и да снимам сопствени филмови е тоа што сакам повеќе од оваа индустрија“, изјави Џонсон минатата година во Кан.

„Сакам повеќе од моето искуство како уметник. Чувствував жед за повеќе разговори, повеќе креативност и повеќе соработка. Неколкупати ми се случило како актерка да дојдам на премиера на филм, да го видам првпат и да помислам: ‘Опа, ова не е тоа што мислев дека го снимаме.’ Тоа е навистина чудно искуство.“

Филмот „Сплитсвил“ (Splitsville), во режија на Мајкл Анџело Ковино, режисерот на „Искачувањето“ (The Climb), ја следи приказната за два пара чие пријателство се става на тест кога сопругот од еден пар кој се разведува има афера со сопругата од друг пар кој е во отворен брак. Покрај Џонсон, во филмот глумат и Адрија Архона, самиот Ковино, како и сосценаристот Кајл Марвин.

Таа се осврна и на атмосферата на снимање, истакнувајќи дека начинот на кој се гради сетот е клучен за квалитетот на работата.

„Начинот на кој ги градиме сетовите во голема мера се темели на атмосферата и енергијата“, рече Џонсон.

„Главно се водиме по политика ‘без кретени’. Исто така, внимаваме секој член од екипата да знае што работиме, за сите да се чувствуваат како дел од целината. Работата на филм… работните денови се долги и исцрпувачки. Не е лесно. Но кога чувствувате дека навистина сте вложени во нешто, луѓето се посреќни и работат подобро.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот