„Оданочете нѐ повеќе“- 120 милионери со барање до новиот британски премиер
Група од 120 британски милионери, меѓу кои поранешниот фудбалер Гери Линекер и музичкиот продуцент Брајан Ино, испратија отворено писмо до новиот британски премиер Енди Барнам со барање да се воведе повисоко оданочување на најбогатите.
Препорачано
Писмото, организирано од движењето „Патриотски милионери“, порачува дека потписниците можат да си дозволат да плаќаат повеќе данок и дека дополнителните приходи треба да се искористат за финансирање на јавните услуги и намалување на нееднаквоста.
-Не бараме повисоки даноци за луѓето кои секој ден одат на работа за да заработат плата, туку за најбогатите, чии приходи доаѓаат од богатството што го поседуваат- се наведува во писмото.
Организацијата предлага воведување данок од два проценти за богатство поголемо од 10 милиони фунти, оценувајќи дека токму кај најбогатите се наоѓа најголемиот неискористен потенцијал за финансирање на државните услуги.
Лидерката на Конзервативната партија, Кеми Бејденок, возврати дека секој што сака може доброволно да уплати повеќе средства во државната каса, посочувајќи дека „никој не го спречува Гери Линекер да напише чек до Министерството за финансии“.
Според Би-Би-Си, Велика Британија нема посебен данок на богатство, туку богатите се оданочуваат според видот на приходите – плати, дивиденди или капитални добивки. Поради тоа, нивната ефективна даночна стапка често е пониска отколку кај лицата чии приходи главно се од плата.
Енди Барнам не ја исклучи можноста за воведување нови даноци за најбогатите, но засега не се обврза на конкретни мерки.


