ЕУ,МК и НАТО знаме / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Од суштинско значење е донесување нов Кривичен законик, оцени советот на амбасадори за извештајот на ЕК

Независноста, професионалноста и отчетноста на судските институции остануваат клучен приоритет во процесот на приближување кон ЕУ. Оттука, Советот ја повикува Владата и Парламентот на интензивирање на заложбите за зајакнување на институциите и навремено усвојување и имплементација на стратешките документи во оваа област.

Советот на амбасадори оценува дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2025 година доаѓа во период кога, и покрај успешното завршување на скринингот на сите шест кластери во декември 2023 година, официјалното отпочнување на пристапните преговори останува условено со преземање дополнителни чекори и реформски зафати.

Советот го поздравува нотираниот напредок во неколку области.

„Особено ја истакнуваме целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, склученото партнерство со ЕУ во областа на безбедноста и одбраната, продолжената поддршка на Украина, како и активното учество во меѓународни и ЕУ мисии и операции за управување со кризи. Ова претставува јасна демонстрација на стратешката определба на земјата кон европските вредности, засилен дијалог и партнерство.

За поздравување е и усогласувањето со ЕУ регулативата во областа на платежните услуги и пристапувањето кон СЕПА (Single Euro Payments Area), како и нотираниот добар напредок во дигитализација на процесите и јакнење на оперативните и административни капацитети на царинските институции. Позитивно е оценето и унапредувањето на научно-истражувачката инфраструктура преку учество во програмите на Унијата и воспоставувањето на Европски дигитален иновациски хаб, како и учеството во регионални иницијативи за соработка“, велат од Советот.

Оттаму изразуваат задоволство и од позитивниот развој во соработката со граѓанското општество, преку повторното активирање на Советот за соработка помеѓу Владата и невладиниот сектор, што, според нив, претставува важна основа за поинклузивен процес на креирање политики.

Особена важност, според Советот на амбасадори, имаат препораките поврзани со владеењето на правото, независноста и финансиската автономија на судството, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, каде е нотирано дека нема напредок. Оттаму велат дека и покрај извесни формални чекори, суштинските системски слабости продолжуваат да го ограничуваат независното и ефикасно функционирање на правосудниот систем, што ја нагласува потребата од континуитет, доследност и резултати во реформските процеси.

„Независноста, професионалноста и отчетноста на судските институции остануваат клучен приоритет во процесот на приближување кон ЕУ. Оттука, Советот ги повикува Владата и Парламентот на интензивирање на заложбите за зајакнување на институциите и навремено усвојување и имплементација на стратешките документи во оваа област. Од суштинско значење е донесување нов Кривичен законик усогласен со законодавството на Европската Унија (EU acquis) и меѓународните стандарди, јакнење на капацитетите на Јавното обвинителство, и обезбедување мерливи резултати во истрагите, обвиненијата, судските постапки и конфискацијата на имот, особено во случаи на корупција на високо ниво“, се додава во соопштението.

Советот на амбасадори укажува на важноста од интензивирање на реформите во јавната администрација со цел обезбедување стручна, професионална и кредибилна јавна служба, како и зајакнување на транспарентноста и отчетноста во усвојувањето на политиките и законските решенија. Реформите, според Советот, бараат активно вклучување на опозицијата, граѓанското општество и експертската јавност, засновано на дијалог и инклузивност.

За забрзување на евроинтегративниот процес, Советот очекува и понатамошно јакнење на институционалната преговарачка структура, административните капацитети и меѓуинституционалната координација, како и развивање на експертизата во државната администрација во доменот на EU acquis.

Советот на амбасадори нагласува дека успехот во евроинтеграцијата на земјата зависи од конзистентноста, транспарентноста и динамиката на реформите – како во клучните „фундаментални“ области, така и во секторите кои ја обезбедуваат конкурентноста и инклузивноста на економијата.

„Во таа насока, повикуваме на засилен фокус врз реформските процеси и постигнување конкретни и мерливи резултати: функционално и независно судство, ефикасна и професионална администрација, навремено транспонирање и ефективна имплементација на EU acquis, како и забрзана реализација на Реформската агенда со цел навремено и целосно искористување на 750,4 милиони евра наменети за земјата во рамките на ЕУ Планот за реформи и раст за Западниот Балкан“, додаваат од Советот.

Притоа, Советот на амбасадори потсетува на значењето на меѓупартиски консензус за европската интеграција на земјата, како и од функционален политички дијалог кој ќе овозможи конструктивна соработка и институционална стабилност во процесот на
пристапување кон Унијата.

„Цврсто уверени дека членството во Европската Унија е стратешки, политички и безбедносен приоритет на земјата, ги повикуваме сите институции, политички и општествени чинители на национално обединување, институционална одговорност и континуирана посветеност во реализацијата на европската агенда, во интерес на државата и сите нејзини граѓани“, заклучуваат од Советот на амбасадори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот