Обвинителите и судовите се на ред да заведат ред

Фото: Профимедиа

Ќе продолжат истрагите што ги почна СЈО, а во кои се осомничени функционери на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, меѓу кои и „Моќник“, „Империја“, „Попис“, „Друмарина“ и десетина други.

Непречено ќе продолжат сите истраги што Специјалното јавно обвинителство ги отвори по рокот во кој беше овластено да поднесува обвиненија, односно по 30 јуни 2017 година, а во кои се осомничени поранешни и актуелни функционери од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ. Со усвојувањето на новиот Закон за Јавно обвинителство се создадени услови сите истраги и предистраги на СЈО да продолжат во Јавното обвинителство, и тоа во онаа фаза во којашто биле.

Поранешното СЈО имаше мандат да поднесува обвиненија 18 месеци по своето формирање и во тој рок подготви 15 обвиненија од предметите што почнуваа на буквата Т. Потоа отвори уште десетици истраги од индициите што ги откриле во незаконски прислушуваните разговори.

Овие истраги беа сопрени лани, во јануари, откако Врховниот суд донесе начелно правно мислење дека СЈО не е овластен тужител за преземање јавнообвинителски работи по 30 јуни 2017 година, но со новиот Закон за јавно обвинителство, усвоен пред распуштањето на Собранието, ЈО ќе продолжи со предметите во онаа фаза во којашто биле затекнати.

СДСМ: Јасна е нервозата на ВМРО-ДПМНЕ

Меѓу предметите за кои СЈО отвори истрага по рокот се „Талир 1“ и „Талир 2“, за кои и обвиненијата против партијата ВМРО-ДПМНЕ беа покренати по рокот и кои се во фаза на судење. Во фаза на истрага останаа „Моќник“, во кој е осомничен Антонијо Милошоски, „Империја“ во кој се осомничени Орце Камчев и Сашо Мијалков, „Друмарина“ во кој се сомничи Силвана Бонева, како и „Пациент“ каде што е осомничен Бујар Османи, но и „Попис“ во кој се сомничи Али Ахмети. Во истрага се и „Поштенска банка“, „Подарок“, „Дизајн“, „Актор“, „Хармонија“, „Пропаганда“, „Странски служби“, „Рендген“, „Продуцент“, „Лидери“, „Тарифа 2“, „Транспортер 2“. Освен овие истраги, СЈО на ЈО му предаде и стотина предистраги, а поради нивната тајност јавноста досега нема информација за што се водат.

Од СДСМ вчера соопштија дека се создале услови за независно и професионално правосудство, а листата на осомничени функционери го објаснува отпорот на ВМРО-ДПМНЕ против овој закон.

„Со Законот за ЈО креираме независен обвинителски систем преку кој овозможуваме судска завршница на сите предмети, покренати од СЈО, кои се во судска постапка, но се создадени услови да продолжат и случаи што се во фаза на истрага. Сега е појасно зошто ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше на Законот и зошто беше во мисија да го заштити својот и криминалот на Никола Груевски. Извршителот Христијан Мицкоски не успеа во намерата да ја загрози правдата и правната држава. На ред е правосудниот систем кој мора да заборави на 11-годишната режимска практика кога функционираше под закани, нарачани притвори и телефонски пресуди“, соопшти СДСМ.

Истрагите може да продолжат

Основата за продолжување на истрагите и предистрагите на СЈО е членот 108 од новиот Закон, според кој сите почнати обвинителски постапки ќе продолжат според одредбите на новиот Закон, а кривичното гонење на предметите на СЈО ќе продолжи во редовните обвинителства. Дилема создава Законот за кривична постапка, според кој обвинителот може да врши истрага по одреден предмет максимално 18 месеци. Според Законот за кривична постапка, обвинителот ја завршува истражната постапка кога ќе оцени дека има доволно докази за да подигне обвинение или да ја запре постапката. Ако истрагата не заврши во рок од шест месеци обвинителот може да побара од виш јавен обвинител овој рок да го продолжи за уште шест месеци, а по исклучок, републичкиот обвинител може да го продолжи овој рок за дополнителни три месеци, односно за уште шест ако предметот го води обвинител за гонење на организиран криминал и корупција. Од ова произлегува дека истрага може да се води најмногу 18 месеци, а тој рок е пробиен во дел од истрагите на СЈО.

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека нема пречки сите истраги на поранешното СЈО да продолжат, затоа што со новиот Закон за ЈО повеќе не важи начелното мислење на Врховниот суд, а истражните дејства можат да се продолжуваат.

– Ова мислење се однесуваше на Законот за СЈО, а СЈО веќе не постои. Во врска со истрагите, тие можат да се продолжуваат во зависност од сложеноста на истрагата и нема пречки да продолжат сите истраги што се отворени по 30 јуни 2017 година, освен ако самото дело за кое се товарат осомничените во истрагите не е застарено – вели Давидовиќ.

Адвокатот Јанаки Митровски вели дека власта е во право кога вели дека сите постапки на СЈО може да продолжат, бидејќи сега постои правна основа, но вметнувањето на членот 110, според кој „бомбите“ важат само во предметите што се во суд, а не и во истрагата, е „пукање во колено на Обвинителството, бидејќи предметите на СЈО во голема мера зависат од бомбите.“

– Тоа е исто како да одите на лов со ќор-фишеци. Дополнително овој член е контрадикторен со практиката на Стразбур согласно која незаконски прибавени докази во предмети со висок јавен интерес, особено јавни финансии, може да се користат како доказ. Воедно, одредбата е селективна и дискриминаторска – за некого „бомбите“ важат, за друг не. Оттука ефективно, иако не се де јуре, предметите се всушност умртвени. Во однос на пречекорување на роковите за истрага тие редовно се пречекоруваат, а судовите не ги прифаќаат приговорите на бранителите, што е доказ повеќе за привилегираниот однос на судот кон Обвинителството – вели Митровски.

Колевски: Влијанија спречуваат самите обвинители, не законот

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, смета дека Законот за ЈО нуди механизми за спречување на влијанија, но тоа најмногу зависи од самите јавни обвинители колку законито, објективно и непристрасно ќе постапуваат.

– Законот за Јавно обвинителство може да воспостави одредени механизми за спречување на какви било влијанија, но самиот Закон не е доволен за да го спречи тоа. Законитото, објективното и непристрасното постапување на јавните обвинители е најголемата брана за спречување на надворешните влијанија – истакнува Колевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот