Млад насилник од Свети Николе крвнички ја претепал бремената девојка, ја заклучил 15 часа во соба
21-годишен жител на Свети Николе ќе одговара откако брутално ја претепал бремената девојка и ја држел 15 часа заклучена во соба, соопшти Основното јавно обвинителство.
Препорачано
„Обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка“, информираат од Обвинителството.
Обвинетиот, објаснуваат од ОЈО, ја навредувал девојката со која живеел, а потоа почнал да ја удира со тупаници. Кога таа се онесвестила од ударите, ја однел во бањата, каде ја освестил со ладна вода, но потоа пак почнал да ја влече за коса и да ја удира со боксови по главата и по телото.
„Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега, обвинетиот ѝ го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја“, информираат од Обвинителството.
Јавниот обвинител бара осомничениот да оди во притвор.
„Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.


