Обвинение за полицаецот од чиј куршум загина Фатмата: Се впуштил во борба со криумчарот со оружје в рака

Фото: Second Tree Instagram

Полицискиот службеник кој ја застрела мигрантката Фатмата Камара од Сиера Леоне, по што таа почина во Гевгелија, е обвинет за тешки дела против општата сигурност, дознава Слободен печат од извори во Обвинителството. Двајцата криумчари на мигранти се осудени и во затвор, а за полицаецот кој ја застрела младата Фатмата по обемната истражна постапка поднесено е обвинение за тешки дела против општата сигурност. Нему му е одземен пасошот.

Имено, полицаецот според информации на Слободен печат во минатото бил обвинет и за примање поткуп, бил отстранет од работното место во МВР па вратен на работа откако го тужел  Министерството за внатрешни работи. Во конкретниот случај со мигрантката Фатмата, според обвинителството, полицаецот се впуштил во борба со еден од сега осудените шверцери, иако знаел дека во раката држи службено оружје полно со муниција, со кое што можеле да бидат загрозени и животот и сигурноста на целата група мигранти и при борбата испукал од службеното оружје.

На таков начин, според Обвинителството, тој предизвикал значителна опасност за животот и телото на насобраните лица, а куршумот завршил во телото на мигрантката Фатмата Камара од Сиера Леоне, која седела назад во возилото марка Мерцедес. Куршумот ја погодил во десното рамо а од здобината прострелна рана таа починала во гевгелиската болница.

На двајцата криумчари на мигранти кои се обиделе да профитираат на начин што ги превезувале мигрантите, по претходно признание на вина им беше изречена затворска казна за криумчарење мигранти.

Настанот во кој трагично загина Фатмата, се случи на 19 април годинава рано утрото близу Гевгелија. Обвинетиот полицаец, всушност бил раководител на смена. Пред да почне препирката за оружјето, полицаецот му дал сигнал на криумчарот и го предупредил со зборовите ,,Стоп полиција”, но криумчарот не се одзвал на предупредувањето. Обвинетиот полициски службеник повторно го предупредил да застане и да престане да ги прифаќа мигрантите во своето возило, овојпат држејќи го службениот пиштол во рацете. И тоа предупредување било безуспешно, после што настанала пресметката од која жртвата е Фатмата Камара.

Семејството на Фатмата преку видео пораки кои ги испратија до редакцијата на Слободен печат, се спротивставија на полициската верзија на настаните, која гласеше дека криумчарот на мигранти го нападнал полицаецот во обид да му го одзеде службеното оружје. Но, според обвинението кое е изготвено и соопштено денеска, всушност произлегува дека полицискиот службеник се упатил кон криумчарот со намера да го уапси, знаејќи дека криумчарот можеби ќе се спротистави и ќе реагира, а со тоа во опасност ќе биде доведена целата група мигранти. Во овој трагичен настан, згасна животот на младата девојка.

Нејзиното убиство стигна до пратениците на Европскиот Парламент и до Жозеп Борел.

„Не можеме да дозволиме страшни приказни како онаа на Фатмата да се случуваат на границите на нашата Унија и не можеме да дозволиме нејзината смрт да помине незабележано без да биде задоволена правдата. Напишав пратеничко прашање за да го свртам вниманието на европските институции на оваа млада жена, но и да повикам на почитување на човековите права и на границите на ЕУ. Исто така прашав како се развиваат билатералните односи со Северна Македонија, земја кандидат, во однос на управувањето со миграцијата и пристапот до правосуден систем кој е универзален, слободен и праведен“, рече пратеничката во Европскиот Парламент Алесандра Морети.

Сопругот на Фатмата, Абу Бакар, остана во Македонија и сега е барател на азил, со цел да биде присутен на судењата на кои бара правда за неговата сопруга. Таа умираше на неговите раце, а се сакале од мали, живееле куќа до куќа. Тој имаше проблеми и да го преземе и транспортира телото на својата почината сопруга во Сиера Леоне поради административни пречки. Телото од АД Бутел го презема откако новинарски екипи беа да ја проверат состојбата.

ВИДЕО | Тензично во „Бутел“: Ве молам дајте ми го телото на жена ми за достоен погреб, моли сопругот на убиената Фатмата

Откако живееле во грчки бегалски камп и им беше одбиен азил, Фатмата и Абу Бакар заминале од Грција во Македонија каде Фатмата беше убиена. Сопругот на Фатмата, Абу Бакар тврди дека врескал, повикувал помош и барал да биде однесен во болница со сопругата која веќе умирала. Но, бил приведен и според неговите зборови, полицијата му понудила да го одведат и да го пуштат на српската граница за сам да го продолжи патувањето. Тој одби и сега бара азил во Македонија за да ја бара правдата за својата сопруга во македонските судови.

Убиството на Фатмата коинцидентно се случи истиот ден кога ФРОНТЕКС, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, се распореди на македонско-грчката граница.

Италијанската организација „Секонд Три“ сподели емотивни детали за тоа дека станува збор за топла, млада девојка на возраст од 23 години полна со живот, секогаш подготвена да ја сподели нејзината сила и енергија со другите.

-Беше многу вљубена во сопругот Абу Бакар. Се знаеа од деца и се нарекуваа еден со друг „моето се“. Другите околу нив се надеваа дека и тие ќе најдат некој кој е ги сака како што Абу и Фатмата се сакаа. Абу Бакар беше со Фатмата дента кога ја застрелаа. Таа го извикуваше неговото име. Тој молеше за помош. Видеото од Абу Бакар прегрнувајќи ја Фатима додека таа умира застрелана на земја, едноставно занемува. Потоа му ставија лисици, го возеа неколку часа, го задржаа во притвор еден ден и не му кажуваа ништо за сопругата. Потоа му понудија да го префрлат до граница за да продолжи во Србија. Но тој сака правда за Фатмата“, велат од организацијата „Секонд Три“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот