ВИДЕО ОБРАЌАЊЕ до македонската јавност од сестрата на убиената Фатмата кај Гевгелија: Борете се со нас, полицијата лаже за нападот меѓу возачот и полицаецот

fatmata sestra фатмата сестра
Убиената Фатмата (23) / Обраќањето на нејзината сестра преку Слободен печат / Фото: Приватна архива / Колаж: Слободен печат

Сестрата на убиената 23-годишна мигрантка од Сиера Леоне, Фатмата, фрла поинаква светлина врз настаните кои се случувале на 19 април во близина на Гевгелија, а каде Фатмата загина откако полициски службеник испукал куршум од службениот пиштол.

Полициската верзија на настаните, е спротивна на она кое го тврди семејството водејќи се од сведоштва на присутните останати мигранти, меѓу кои бил и Абу Бакар, сопругот на девојката. Полицијата извести дека откако мигрантите биле забележани во две возила, полицијата се обидела да ги запре, а при тоа едниот од шверцерите, 26 – годишниот К.Ј. физички го нападнал полицаецот обидувајќи се да му го одземе пиштолот.

„Притоа полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите (жена), која веднаш била пренесена до Итната медицинска помош каде починала“, известија од МВР во своето соопштение.

Но, сестрата на Фатмата во видео обраќање до македонската јавност кое го испрати до редакцијата на „Слободен печат“ повикува граѓаните да им се приклучат во барањето на правдата и прашува зошто полицаец пукал во невооружена девојка додавајќи дека немало никаков физички напад врз полицаецот.

„Министерството за внатрешни работи тврдеше дека полицискот службеник пукал, зашто имало физички напад меѓу возачот и полицаецот. Ова не е вистина. Абу Бакар беше таму, други луѓе беа таму: Немаше физички напад. Ова е лага. Сакаме правда за Фатмата и сакаме луѓето од Македонија да се борат со нас. Сакаме да ја знаеме вистината. Зошто полицаецот застрела невооружена девојка? Сакаме фер и транспарентно судење и одговори на прашањата кои нè измачуваат. Единственото што би можело да ни даде малку мир, или барем некакво олеснување – е да биде утврдена вистината за убиството на Фатмата и вистината да ја знае целиот свет. Ве молиме да ни се приклучите во борбата за вистината, ве молиме придружете ни се во тоа да не ја заборавиме“, вели таа во своето видео обраќање до македонската јавност.

Фатмата имала 23 години и според описот на сестра си била амбициозна и перспективна девојка, со хумано срце и желба да создаде подобар свет.

– Мајка ни беше нашата карпа, се што правеше правеше за нас – нејзините деца. Не бевме богати кога растевме, но Фатмата беше решена да успее и да има светла иднина. Сите знаевме дека таа беше онаа што учеше и постигнуваше успеси. Таа беше паметната и посветената, секогаш испитите ги положуваше одлично. Но, Фатмата не беше само студиозна и вредна, туку исто така имаше совест да прави добро, да го користи знаењето за да им помага на другите. Таа сонуваше да основа хуманитарна организација за помош на деца со попреченост и девојчиња кои немаат пристап до образование. Последниот пат кога разговаравме со неа, таа ја напушташе Грција
разочарана но сепак полна со стремежи. Рече: Молете се за мене, да успеам да го остварам сонот и тие девојчиња да имаат добра иднина. Наредниот ден беше мртва“, вели сестрата на Фатмата.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ОБРАЌАЊЕТО на сестрата на Фатмата ексклузивно за „Слободен печат“:

Во меѓувреме, од Јавното обвинителство за „Слободен печат“ вчера испратија одговор дека обвинителот наредил да се спроведе истражна постапка против полицискиот службеник поради основано сомнение за кривично дело „тешки дела против општата сигурност согласно член 292 од Кривичниот Законик“.

„Сè уште се постапува во дел од наредбите за вештачење издадени од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за целосно расчистување на настанот. Откако ќе бидат испитани сите околности, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, а јавноста ќе биде известена“, пишува во одговорот на нашето прашање кои нови работи може да се споделат со јавноста од иницирањето на постапката.

Грчката организација „Секонд Три“ која работи со мигранти, пред една недела извести дека Фатмата можеби била бремена, но поради немањето пари и документи, не бил направен тест за бременост. Таа умирала на рацете на нејзиниот сопруг Абу Бакар, со кого се сакале од мали, а живееле куќа до куќа. „Слободен печат“ разговараше и со сопругот, кој е решен да остане во земјава додека не се утврдат околностите околу смртта на неговата сопруга.

Сопругот на убиената мигрантка кај Гевгелија, Абу Бакар, за „Слободен печат“: Сакам правда за мојата Фатмата

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот