Сопругот на убиената мигрантка кај Гевгелија, Абу Бакар, за „Слободен печат“: Сакам правда за мојата Фатмата

Една од последните фотографии на убиената Фатмата/Фото: Лична архива на сопругот Абу Бакар/Забрането за преземање и користење

Абу Бакар ќе остане во Македонија додека не добие правда за неговата сопруга Фатмата која беше убиена на македонската страна од границата со Грција.

„Слободен печат“ денес се сретна со Бакар од Сиера Леоне, Западна Африка, кој се наоѓа во Скопје, но поради тоа што правдата ќе ја бара по судски пат во Македонија и очекува фер судење, во оваа фаза тој не сакаше официјално да зборува за тоа што се случило кобниот ден во автомобилот кога неговата сопруга Фатима беше застрелана.

Стресот, шокот и тагата низ коишто поминува Бакар се огромни, со оглед на тоа што неговата сопруга умирала на неговите раце додека тој барал помош. Тој не ја прифатил понудата да го продолжи патувањето кон Западна Европа, бидејќи е решен да дознае кој и зошто го одзел животот на неговата сопруга, које е можно да била и бремена. Тој не знае каде е сега телото на неговата сопруга, бидејќи официјално не му било кажано.

Една од последните фотографии на убиената Фатмата/Фото: Лична архива на сопругот Абу Бакар/Забрането за преземање и користење

Според информации на „Слободен печат“ официјалната верзија на македонската полиција според која едно од лицата кои ги пренесувало мигрантите се обидело да го одземе оружјето од полициски службеник, поради што полицаецот испукал куршум – е нешто со кое што групата мигранти кои биле на местото не се согласува.

Убиството на Фатмата коинцидентно се случи истиот ден кога ФРОНТЕКС, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, се распореди на македонско-грчката граница.

– Сакам правда за мојата Фатима, изјави Абу Бакар за „Слободен печат“.

Абу Бакар заедно со неговата сопруга Фатмата која тој нагалено ја викал Фатима, заеднички патувале од Сиера Леоне и биле упатени кон Западна Европа, но минатата среда трагично заврши животот на младата Фатмата. Грција претходно ја одбила девојката за азил.

Грчката организација „Секонд Три“ сподели емотивни детали за тоа дека станува збор за топла, млада девојка на возраст од 23 години полна со живот, секогаш подготвена да ја сподели нејзината сила и енергија со другите.

-Беше многу вљубена во сопругот Абу Бакар. Се знаеа од деца и се нарекуваа еден со друг „моето се“. Другите околу нив се надеваа дека и тие ќе најдат некој кој е ги сака како што Абу и Фатмата се сакаа. Два месеци пред да ја убијат, Фатмата му кажа на Абу Бакар дека е бремена. Немаа ни пари ни документи така што никогаш не направи тест за бременост. Тој уште не знае дали неговото дете почина заедно со неговата сопруга. Абу Бакар беше со Фатмата дента кога ја застрелаа. Таа го извикуваше неговото име. Тој молеше за помош. Видеото од Абу Бакар прегрнувајќи ја Фатима додека таа умира застрелана на земја, едноставно занемува. Потоа му ставија лисици, го возеа неколку часа, го задржаа во притвор еден ден и не му кажуваа ништо за сопругата. Потоа му понудија да го префрлат до граница за да продолжи во Србија. Но тој сака правда за Фатмата“, велат од организацијата „Секонд Три“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот