Потресно сведочење на сопругот на убиената мигрантка во Гевгелија: Фатмата беше бремена, мене ме уапсија, не знам ни каде ѝ е телото

Фото: Second Tree Instagram

Сопругот на Фатмата раскажува за последните моменти поминати со нејзе пред да биде застрелана. Непосредно по поминување на границата, таа му рекла „Сега сите врати изгледаат затворени, но друга ќе ни се отвори. Иднината ќе биде добра“. Желбата на Абубакар, како што соопштија од организацијата „Second Tree“ е светот да знае за овој случај.

Фатмата е името на 23-годишната мигрантка која минатата среда почина откако двајца полицајци запреа два автомобила во кои нелегално се пренесувале мигранти. До несреќата дошло кога еден од криумчарите нападнал полицаец и се обидел да му го земе службениот пиштол, а во мешаницата бил истрелан куршум кој завршил во Фатмата.

Организацијата „Second Tree“ која работи во бегалските кампови во северниот дел на Грција на официјалниот Инстаграм профил пишува дека таа била убиена откако ја преминала грчката граница, земја која го одбила нејзиниот азил, прaвејќи ја невидлива.

Но, таа беше човек. Беше топла, ентузијастична и весела. Ако не знаевте, никогаш немаше ниту да претпоставите дека живее во бегалски камп. Таа имаше 23 години. Беше полна со живот, секогаш подготвена да ја сподели својата сила и енергија, а сакаше и да танцува. Танцуваше и пееше „на сиот глас“, како што опишува нејзината сестра Бринтина. Замислете ја како таква личност, затоа што ние така ќе ја паметиме. Таа беше дел од нашата организација, пишува „Second Tree“.

Фатмата имала и сопруг, Абубакар, а се знаеле од деца. Честопати се викале меѓусебно „моето сè“.

-Толку беа заљубени што често знаевме да се пошегуваме со нив и да им кажеме „Се надевам дека и јас ќе најдам некој што ќе ме сака на тој начин“, пишува во објавата.

Два месеца пред да биде убиена, Фатмата му соопштила на Абубакар дека е бремена, но бидејќи немале документи и пари, никогаш не направиле тест за бременост.

Од организацијата велат дека тој сè уште не знае дали нивното прво дете починало со сопругата, но бил присутен кога Фатмата била застрелана.

-Го викаше неговото име, молеше за помош, велат од „Second Tree“ и додаваат дека постои и видеоснимка на кој Абубакар ја прегрнува Фатмата додека таа умира од прострелната рана.

Веднаш потоа, сопругот на Фатмата бил приведен и еден ден бил задржан во притвор без никакви вести за неговата жена. Му било понудено да го остават на границата со Србија, но тој изјавил дека „сака правда за Фатмата“.

Џовани и Џулиет од нашиот тим се сега со Абубакар во Северна Македонија. Тој сè уште не знае каде е телото на Фатмата и бара да ја види уште од денот кога беа разделени. Со него има и адвокат и подготвени се да бараат правда, велат од организацијата.

Сопругот на Фатмата раскажува за последните моменти поминати со нејзе пред да биде застрелана.

Непосредно по поминување на границата, таа му рекла „Сега сите врати изгледаат затворени, но друга ќе ни се отвори. Иднината ќе биде добра“.

Желбата на Абубакар, како што соопштија од организацијата е светот да знае за овој случај.

Иста желба има и семејството на Фатмата – која била најмлада од петте браќа и сестри.

 

Притвор за криумчарите со мигранти фатени кај Гевгелија

За трагичниот случај во Гевгелија две лица се во притвор, осомничени за кривично дело Криумчарење на мигранти  од член 418 – б став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

-Додека преземал дејствија за лишување од слобода на првоосомничениот, осомничениот физички го нападнал полицискиот службеник и  во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици завршувајќи во тело на мигрантка  која веќе била сместена на задното седиште во возилото, соопшти обвинителството на 20 април.

Обвинителството со цел да се испита одговорноста на полицискиот службеник формираше предмет и донесе Наредба за вештачење на папиларните линии на службениот пиштол, како и на други траги врз основа на кои ќе се утврди кој го испукал куршумот со кој е предизвикана смртта кај мигрантката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот