Евровизија - Фото: HANS KLAUS TECHT / AFP / Profimedia

Објавени деталите: Евровизија ги менува правилата по контроверзиите околу гласањето за Израел

Евровизија воведува нови правила за промоција и гласање, откако неколку национални телевизиски куќи изразија загриженост поради резултатите на израелската претставничка на годинашното натпреварување.

Израелската пејачка Јувал Рафаел доби најмногу гласови од публиката во мај во Базел, но заврши на второ место поради пресудниот глас на стручните жирија.

По финалето, ирската РТЕ официјално побара детална анализа на гласањето од Европската радиодифузна унија (ЕБУ), а шпанската РТВЕ побара „севкупна ревизија“ на системот за гласање за да се спречи „надворешно влијание“.

Директорот на натпреварувањето, Мартин Грин, објави дека максималниот број гласови по метод на плаќање се намалува од 20 на 10, со цел да се спречат можни злоупотреби.

Во отворено писмо објавено во петокот, Грин нагласи дека телевизиските куќи бараат „јакнење на довербата во фер и транспарентно натпреварување, за да остане Евровизија неутрален простор кој ја слави музиката и нејзината моќ да спојува луѓе“.

Тој додаде дека новите правила за промоција „ќе го заштитат натпреварот од непропорционални кампањи предизвикани однадвор“.

„Иако уметниците, телевизиските куќи и издавачките куќи ќе продолжат да ги промовираат своите песни, како дел од нивната професионална работа и контактите со фановите, никој од нив повеќе нема смее да соработува или поддржува кампањи на трети страни – вклучително и влади или нивни агенции – доколку тоа може да го искриви гласањето“, порача тој.

„Владите не учествуваат на Евровизија – учествуваат уметниците. Тие се поддржани од јавните радиодифузери, кои не се одговорни за политиките и одлуките на своите влади“, додаде Грин.

ЕБУ објави и дека во полуфиналињата повторно ќе бидат вклучени стручни жирија, првпат по 2022 година, а листата на професии од кои се избираат членовите ќе се прошири.

Секое жири ќе има седум членови наместо досегашни пет, меѓу кои најмалку две лица на возраст од 18 до 25 години.

Евровизија следната година ќе се одржи во Виена, по победата на австрискиот претставник Џеј Џеј со песната „Wasted Love“ во Базел годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот