Нуклеарната закана на Путин ја натера Европа да размислува за „заеднички штит“
Европските медиуми пишуваат дека 12 европски земји се приклучиле на германската иницијатива за формирање заеднички европски противракетен штит за одбрана од интерконтинентални ракети.
Препорачано
Според германски Шпигел, на иницијативата на германскиот канцелар Олаф Шолц, која првпат ја претстави на крајот на август, се приклучија и Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Финска, Холандија, Норвешка, Литванија, Латвија, Романија, Словачка и Словенија.
Шолц предложи интеграција на различни европски одбранбени системи во единствен европски противракетен штит, што би значело поефикасна и поисплатлива одбрана.
Идејата за заеднички одбранбен штит најмногу ја фаворизираат земјите од Источна Европа поради стравот од ескалација на руската војна во Украина и заканите на рускиот претседател Владимир Путин за можноста за употреба на нуклеарно оружје.
Порталот Еуроактив цитира неколку медиумски извештаи дека штитот се состои од противракетниот систем „Arrow 3“, кој најпрво го дизајнирал и го произведувал Израел, а подоцна во неговиот развој учествувале и САД.
„Arrow 3“ се антибалистички ракети со долг дострел кои можат да уништат балистички ракети на безбедно растојание.
Како што пренесува Еуроактив, се очекува Полска и Франција да ја отфрлат германската иницијатива. Полска сака да воспостави сопствен систем за противвоздушна одбрана, додека Франција ќе се потпира на своето нуклеарно одвраќање наместо на конвенционалните антибалистички системи.
Според Шпигел, заедничката изјава за намерите требаше да биде потпишана на маргините на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, кој ќе заврши денеска во Брисел.


