Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Новогодишната кошничка не се покажа, повеќе среќа со рамазанската!

Податоците од Државниот завод за статистика за декември покажаа дека годишната инфлација изнесува 4,4, додека инфлацијата мерена на годишно ниво е 3,5 отсто. Ноемвриските и декемвриските поскапувања само докажаа дека никој не го ферма Законот за нефер практики и си оди по старо, односно си додава дополнителни проценти, кои ги билдаат цените на храната

Новогодишната акција креирана од производителите и гласно најавувана од властите, не се покажа на дело. Без разлика што во неа беа наброени дури 1.178 производи, граѓаните не видоа големо фајде, а тоа не им оди во прилог на министрите и на премиерот. Тие сега имаат неполни два месеца да размислат со каква форма ќе ја креираат кошничката за Рамазан, кој се паѓа на крајот на март, оти нели рекоа дека нема да се откажат од мерките што ќе ги заштитат граѓаните.

Податоците од Државниот завод за статистика за декември покажаа дека годишната инфлација изнесува 4,4, додека инфлацијата мерена на годишно ниво е 3,5 отсто. Значи, ако државата не им обрна внимание на граѓаните, кои жестоко тврдеа дека во декември не можеле да најдат поевтини производи, тогаш треба да им верува на своите институции што ги мерат движењата на цените. Уште еден многу битен податок е дека од септември стапи на сила Законот за нефер практики, а пазарните играчи досега требаше да ги усогласат новите договори со единствен рабат од 10 отсто и на големо и на мало.

Но, ноемвриските и декемвриските поскапувања само докажаа дека никој не го ферма законот и сè оди по старо (читај), секој си додава дополнителни проценти, кои ги билдаат цените на храната.

На последниот брифинг со новинарите, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, „солидарно“ ја распредели вината за поскапувањата и на трговците, на производителите и на добавувачите, кои кај некои производи отишле нагоре и до 90 отсто!

– Почнаа добро и им верувавме на зборот, оти сами ја креираа кошничката, но потоа уследија реакциите од граѓаните дека многу цени поскапеле. Мора да бидеме реални дека некои од производите се берзански и секојдневно се менуваат, но ова е недозволиво. Затоа и ја подготвив одлуката за замрзнување на цените, а дали ќе ја примениме, ќе зависи од нив – дециден беше Дурмиши, кој сепак не отстапува од рамазанската и велигденската кошничка, но во која форма, ќе зависело од статистичките резултати за инфлацијата.
Премиерот Христијан Мицкоски тврдеше дека во втората половина на декември кога всушност стапи на сила кошничката, имало стабилизирање на цените?! Тој повтори дека се следи однесувањето на производителите, на трговците и на добавувачите за да се види дали ќе има потреба од замрзнување цени и маржи.

Последната објава на Државниот пазарен инспекторат гласи дека од мониторингот кај трговците на мало (маркетите) е утврдено дека цените на производите од Новогодишната кошница се намалени за 10 отсто, но биле додадени и околу 30 нови производи (млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца) каде што се бележело намалување од 10 до 20 отсто.  Во ноември постоело зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата е постигнато нивно стабилизирање и намалување.

– Маркетите главно се придржуваа до акцијата за намалување на основните прехранбени производи, а констатирани се ситни забелешки во однос на обележување на цените, што по изречените опомени беа коригирани и отстранети.
Кај добавувачите и производителите односно трговците на големо контролите се во тек, а по нивно завршување ќе ја информираме јавноста за утврдената фактичка состојба – посочија од ДПИ.

Кај добавувачите и производителите односно трговците на големо контролите биле во тек, а по нивно завршување јавноста ќе била информирана за утврдената фактичка состојба.
Инаку, најголемо поскапување на цените во последниот лански месец, во однос на декември 2023, имало кај зеленчукот од 12,7 отсто, кај минералната вода, безалкохолните пијалаци, соковите од околу 16 отсто, потоа кај маслото, млекото, сирењето,  јајцата. Само кај месото имало едноцифрен пораст од 4 проценти. И анализата на „Фајнанс тинк“ укажа дека мерките за ограничување на цените на храната само привремено ја смируваат инфлацијата, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат. Инфлацијата, се наведува во соопштението, се враќа на динамиката пред воведувањето на мерката, речиси во целост, но не е проценето натфрлување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот