Новиот ајатолах се избира онлајн
Иранското Собрание на експерти, телото задолжено за избор на нов врховен лидер, одржува виртуелни состаноци, објави полуофицијалната новинска агенција Фарс.
Препорачано
Тоа е избрано тело од 88 високи свештеници кое, според агенцијата Фарс, се префрлило на состаноци од далечина откако Израел оваа недела нападна објекти поврзани со Собранието.
Државните медиуми изјавија дека американско-израелските напади го погодиле комплексот на Собранието на експерти во Техеран, а денеска портпаролката на израелската армија, Ефи Дефрин, потврди дека бил погоден и комплексот во градот Ком.
„Резултатите од нападот сè уште се истражуваат. Доколку се потврдат конкретни резултати, ќе ве информираме за тоа“, рече Дефрин на брифингот.
Според Фарс, Собранието не заседавало во времето на нападот. Од друга страна, иранските државни агенции изјавија дека во времето на нападот имало состанок во зградата.
Фарс наведува дека Собранието е во „последната фаза“ на избор на нов врховен водач, но не е познато кога би можела да се објави одлуката.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во саботата во голем напад од Израел и САД.
Ајатолахот Али Хамнеи нема официјално прогласен наследник. По неговата смрт, неговите овластувања привремено ги презеде тричлен совет составен од претседателот, претседателот на судството и висок свештеник од Советот на чувари, тело од 12 правници кое ја надгледува работата на иранскиот парламент.
108 загинати во напад врз женско училиште во Иран, утре е ден на жалост


