Новинари протестираа пред ЈО: Да се одговори со збор, а не со насилство
Пред Јавното обвинителство денеска се одржа протест на новинарите за поддршка на новинарот на Инфомакс, Александар Митовски кој заработи кривична пријава за објавување документи од исказ во аферата „Рекет“.
Препорачано
Новинарите беа револтирани од начинот на кој Обвинителството ги спроведува случаите и порачаа дека треба да се одговори со „збор, а не со насилство“.
– Овој протест на Македонската асоцијација на новинари под мотото „одговрете со збор, а не со притисок, апсење и прогон“, се однесува пред се на заштита на новинарските права и слободи, кои овој ден се под силен правосуден притисок. Моментално за време на овој протест во просториите на Нетпрес се врши претрес и се бараат материјали за објавена истражувачка сторија што е поткрепена со објавени документи. Тоа се методите со кои се служи ова Јавно Обвинителство на Република Македонија – изјави претседателката на МАН, Ивона Талевска.
Таа нагласи дека Македонија и Турција се најцрните точки на ниво на ЕУ во врска со слободите на новинарите.
– Ова Обвинителство спроведува над 60 предистраги и истраги, обвиненија и процеси против обвиненија кои не и се блиски на владејачката структура – додаде Талеска.


