Новинар во „Њујорк тајмс“ добил отказ бидејќи користел вештачка интелигенција за пишување текст
Писателот и новинар Алекс Престон призна дека „направил сериозна грешка“ откако еден читател забележал сличности помеѓу неговата рецензија и текст на „Гардијан“. „Њујорк Тајмс“ ја прекинал соработката со Престон, кој работел како хонорарец, откако се утврдило дека користел вештачка интелигенција при пишување на критика за книга, при што во текстот се појавиле делови слични на рецензија на истата книга објавена во „Гардијан“.
Препорачано
Сè започнало кога еден читател укажал на сличностите помеѓу јануарската рецензија на романот „Нега над неа“ (Watching Over Her) од авторот Жан-Батист Андреа, кој Алекс Престон ја напишал за „Њујорк Тајмс“, и текстот што уште во август во „Гардијан“ го објавила Кристобел Кент.
„Њујорк Тајмс“ потоа покренал внатрешна истрага. За време на процесот, Престон признал дека користел вештачка интелигенција како помош при пишувањето и дека не забележал делови кои се преземени од текстот на „Гардијан“ пред да го предаде написот. Во изјава за „Гардијан“, тој рекол дека е „длабоко посрамен“ и дека „направил сериозна грешка“.
Уредништвото на „Њујорк Тајмс“ го известило „Гардијан“ за преклопувањето на содржината преку е-пошта, а во спорниот текст бил додаден и уреднички коментар во кој се признава користењето на вештачка интелигенција и се упатува на оригиналниот текст од „Гардијан“. Во белешката се наведува дека читателот укажал на сличности во формулациите и деталите, како и дека авторот признал користење на алатка која во нацрт внесла делови од туѓата рецензија, а кои тој не ги препознал ниту отстранил. Таквото потпирање на вештачка интелигенција и користењето туѓ текст без наведување на извор се оценети како јасно кршење на професионалните стандарди на весникот.
Меѓу спорните делови се нашле и описи на ликовите, каде изразот „мрзлив макијавелистички Стефано“ се појавува речиси идентично во двата текста, како и завршната оценка на романот. Во „Гардијан“, книгата се опишува како „пре сè љубовна песна на земја полна контрадикции, изранета од војни, поделена, заблудена и чудесна Италија, каде животот е костим, а уметноста постојана претстава, додека циркусите никнуваат на пустините“. Во верзијата на „Њујорк Тајмс“ стои дека ликовите „населуваат приказна која во суштина е љубовна песна на земјата контрадикции, изранета, поделена, заблудена и чудесна, Италија, каде животот е претстава, а циркусите никнуваат на пустините“.
Портпаролот на „Њујорк Тајмс“ потврдил за „Гардијан“ дека Престон повеќе нема да соработува со весникот. Тој за овој медиум напишал шест рецензии помеѓу 2021 и 2026 година, но тврдел дека во другите текстови не користел вештачка интелигенција.
„Направив сериозна грешка користејќи алатка со вештачка интелигенција за време на пишување на еден нацрт и не ги препознав ниту отстранив деловите преземени од друга рецензија“, навел Престон во изјава.
„Поради сè што се случи искрено ми е непријатно и навистина ми е жал. Веднаш ја презедов одговорноста и се извинив на ‘Њујорк Тајмс’, а сакам да се извинам и на Кристобел Кент и уредништвото на ‘Гардијан’.“
Престон во текот на кариерата пишувал за „Обсервер“ и „Фајненшл Тајмс“, а соработувал и со „Гардијан“ и „Економист“. Автор е на шест книги, меѓу кои најновата „Странец во Корфу“ (A Stranger in Corfu), објавена во февруари. Исто така работи како директор во советодавен сектор на инвестициона компанија „Мен Груп“. Почетокот на годинава објавил текст за нивниот сајт под наслов „Меури со вештачка интелигенција: скриени ризици и можности“.


