Нови жртви на кочанската трагедија – умираат и дел од осомничените

Додека се чека судењето и обвинението за полицајците, почина и пејачот бендот „ДНК“ Владимир Блажев – Панчо за кој беше запрена истрагата поради здравствената состојба, а вчера почина и еден од полицајците осомничен за кочанската трагедија

Само двајца од бендот „ДНК“, чии песни ги пееја стотиците млади што беа собрани во кочанската дискотека „Пулс“, ја преживеаја кочанската трагедија, во која загинаа 62-ца млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени. По седум месеци борба,  почина и вториот пејач на популарното музичко дуо, Владимир Блажев – Панчо, кој се лекуваше во приватна болница.

Тој е 63-та директна жртва на пожарот што ја пеплоса импровизираната дискотека за неколку минути, но како жртва на трагедијата јавноста го брои и возачот на итната медицинска помош кој цело време превезувал повредени од несреќата до болниците.

Возачот почина еден ден по трагедијата што се случи на 16 март годинава. Обвинението, исто така, не го дочека еден од осомничените полицајци, Владо Петров, кој беше притворен како главен инспектор за сообраќајни работи, бидејќи потпишал документ за паркинг-просторот пред дискотеката. Панчо, исто така, беше еден од осомничените во првата истрага што ја водеше Обвинителството за пиротехниката што вивна оган во објектот, но Обвинителството ја прекина истрагата за него додека беше на лекување.

По смртта на Панчо, Јавното обвинителство најави дека ќе издаде наредба за обдукција на неговото тело. Оттаму повторуваат дека постапката за него била прекината поради здравствената состојба.

Сега се чека датумот за почетокот на судењето за првото обвинение што го поднесе Обвинителството против 34 лица, меѓу кои газдите и управителите на клубот, поранешни и актуелни градоначалници на Кочани, директори и службеници на државни институции, припадници на обезбедувањето, како и архитекти што незаконски изготвувале документи.

Пред две недели, Кривичниот суд го одобри во целост првото обвинение во кое сите обвинети се гонат за „тешки дела против општата сигурност“, во врска со членот „предизвикување општа опасност“, а судскиот процес ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска.

Мирните протести на родителите на дел од загинатите што се одржуваа секоја сабота прераснаа во блокади, и тоа секојдневни, во попладневните часови, кај кружниот тек во Кочани. Барањата се судиите од Кривичен да се мобилизираат и што побргу да го закажат судењето за случајот, а обвинетите да седнат на обвинителна клупа.

Обвинението против полициските службеници кон кои родителите беа најгневни, сè уште не е поднесено. Тие не се во притвор, туку се со мерки за претпазливост. Обвинителството за овој предмет имаше рок од шест месеци да поднесе обвинение. Истрагата ја води само еден обвинител, а осомничени беа вкупно 27 полицајци. Со смртта на пензионираниот полицаец, бројката на осомничени се намали на 26. И тие се гонат за „тешки дела против општата сигурност“.

– Во текот на истрагата се собираат сите докази поврзани со предметниот настан, а на крајот од постапката по извршена анализа на доказниот материјал, ќе биде донесена одлука дали ќе се поведе обвинение и за која правна квалификација во зависност од доказите. Дел од доказите се користат, а дел се нови докази што се обезбедуваат во рамките на постапката, а причината за подолготрајното водење на постапката е фактот што во предметот постапува еден јавен обвинител од специјализираното одделение од ОЈОГОКК. Во однос на времетраењето на истражната постапка за секој од осомничените поединечно, надлежното јавно обвинителство презема дејствија во предвидените законски рокови​ – велат од Обвинителството.

За смртта на осомничениот полицаец, Независниот синдикат на полицијата излезе со соопштение.

– Владо за жал, не го издржа притисокот за кој ние вчера зборувавме и не успеа да види ништо од пензијата. Почивај во мир, голем човеку! Правда за полицијата е повеќе од потребна, а веќе многу доцни – објавија од Синдикатот.

Со паролата „Први за осуда – последни за почит“, членовите на Независниот синдикат на полицијата во неделата изразија револт пред обвинителствата во Скопје, реагирајќи на, како што велат, нечовечкиот и пристрасен третман кон нивните колеги што се под истрага за пожарот.

Од Синдикатот порачаа дека не се противат на истрагата, но бараат таа да биде јавна, транспарентна и фер. Воедно, побараа правда за сите жртви, меѓу кои и нивниот колега Тоше Тодоровски, кој го загуби животот во трагедијата. Претходно, претседателот на Независниот синдикат на полицијата Мартин Ефремов за „Слободен печат“ изјави дека обвинителите ги малтретираат полицајците буквално за сè и сешто.

– Никој не им дава право на обвинителите да ни удираат на маса и да ни викаат – вие сте неписмени и глупави, да им кажуваат на колегите што се опфатени во истрагата што се води за трагедијата во Кочани: „Вие требаше да изгорите како децата“ – рече Ефремов.

Во Одделението за гонење организиран криминал и корупција има посебно одделение за истражување на полицајци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот