Нови сознанија за делта сојот на ковид-19

делста сој
Фото: Profimedia

Секоја недела група епидемиолози во североисточниот дел на САД се вклучуваат во повикот на Зум кој е целосно посветен на дискусијата за последните индикации за нови соеви на ковид-19 кои се појавуваат низ целиот свет.

„Тоа е како временската прогноза. Некогаш се зборуваше за сојот гама овде или сојот алфа таму, а сега е сѐ само делта“, изјави за „Гардијан“ Вилијам Ханаџ, епидемиолог од Школата за јавно здравје TH Chan на Харвард.

Откако беше првпат откриен во Индија во декември 2020 година, сојот делта на вирусот SARS-CoV-2 стана толку сѐприсутен што лесно може да се претпостави дека некогашната брза еволуција на вирусот е заменета со состојба на мирување. Според СЗО, 99,5 отсто од сите геномски секвенци на ковид-19 пријавени во јавните бази на податоци сега се однесуваат на сојот делта.

Иако новите соеви продолжуваат да се појавуваат, како што е неодамнешниот сој AY. 4.2 или варијантата делта плус во Велика Британија, за која научниците проценуваат дека е 10 до 15 отсто позаразна, иако сè уште нема прецизни податоци, тие се речиси идентични со сојот делта, освен неколку помали мутации. Ханаџ почна да ги нарекува делта внуци.

„Има прилично делта плус, но не е значително позаразна“, истакнува Ханаџ. Но, причината зошто Ханаџ и неговите колеги сè уште ги скенираат базите на податоци како Pangolin и Nextstrain секоја недела, бидејќи се обидуваат да предвидат што би можело следно да се појави. Дали делта навистина е крајот на ковид-19 или во иднина се наѕира нешто уште пострашно? Ова е прашање на кое никој не е сосема сигурен во одговорот.

Една од можностите е дека по почетните драматични скокови во неговата генетска секвенца, кои доведоа до алфа, а потоа и до делта, вирусот SARS-CoV-2 сега полека и постојано ќе мутира и на крајот ќе се помести надвор од дофатот на сегашните вакцини, но дури низ многу години. Додека научниците се трудат да истакнат дека нивните предвидувања главно се засноваат на шпекулации, некои тоа го сметаат за најверојатниот исход.

„Предвидувам дека еволуцијата што ќе ја видиме повеќе е она што го нарекуваме антигенско поместување, каде што вирусот постепено се развива за да избега од имунолошкиот систем. За грипот и другите коронавируси кои доста добро ги познаваме, потребни се околу 10 години вирусот да акумулира доволно промени за антителата во крвта повеќе да не го препознаваат“, вели Франсоа Балукс, директор на Институтот за генетика на УЦЛ.

Но, алтернативата е ненадејната појава на сосема нов сој, со нови и суштински поинакви можности за пренос, вирулентност или имуноевазивност. Рави Гупта, професор по клиничка микробиологија на Универзитетот во Кембриџ, овие соеви ги нарекува „супер-соеви“ и вели дека е 80 отсто сигурен дека ќе се појави уште еден. Прашањето е кога.

„Во моментов имаме пандемија на сојот делта. Оваа нова варијанта делта плус е релативно слаба во споредба со работите за кои зборувам. Има две мутации од сојот делта, мислам дека тие не се толку загрижувачки и не земале замав во голема мерка во другите земји. Но, неизбежно е во следните две години да има уште една значајна варијанта што ќе се натпреварува со делта и може да ја надмине“, вели Гупта.

Како се појавуваат „суперсоевите“?

Постојат неколку начини на кои може да се појави таков сој. Во втората половина на 2020 година, епидемиолозите почнаа да забележуваат знаци на загрижувачки феномен познат како вирусна рекомбинација, во која различни верзии на вирусот SARS-CoV-2 разменуваа мутации и се спојуваа за да формираат сосема нов сој.

За среќа, Гупта вели дека рекомбинацијата не е толку честа, но таа останува еден од изворите на новата суперваријанта, особено во деловите од светот каде што значителен дел од популацијата сè уште е невакциниран, вирусните соеви можат слободно да циркулираат. „Сега, кога делта во голема мера е клучен вирус, тоа стана помалку веројатно. Но, постојат големи делови од планетата во кои не знаеме што се случува. Така што тоа е многу реална можност“, изјавил Гупта за „Гардијан“.

Друга можност е преку големите мутации, кои резултираат со значително подобрена верзија на делта или нешто значително различно. Се смета дека постои значителен простор тоа да се случи.

„Додека последните варијанти се само верзии на сојот делта, вирусот има огромен потенцијал за развој во иднина. Може да се развијат посложени мутации, со истовремени мутации на повеќе од една позиција, што може да биде попроблематично“, вели Гидеон Шрајбер, професор по биомолекуларна науки на Институтот за наука Вајцман во Израел.

Во последниве недели се појави загриженост дека употребата на новите антивирусни таблети, особено молнупиравир, може да придонесе за тоа со активно поттикнување на развојот на вирусот SARS-CoV-2. Молнупиравир делува така што ја попречува способноста на вирусот да се реплицира, преплавувајќи го неговиот геном со мутации сѐ додека тој повеќе не може да се размножува. Некои вирусолози тврдеа дека преживувањето на кој било од овие вирусни мутанти и неговото ширење теоретски би можело да поттикне раст на нови соеви.

Други признаваат дека тоа вреди да се следи, но и дека не е доволно загрижувачки на сериозно болните пациенти да им се ускрати лек кој може да спаси животи.

„Проблемот е постојано високата стапка на зараза“

Гупта вели дека постои поголем проблем, оној кој би можел да доведе до создавање на суперваријанта, а тоа е постојано високата стапка на зараза во земји како Англија, поради способноста на сојот делта да се пренесува меѓу вакцинираните поединци.

„Колку повеќе има дневни инфекции, толку е поголема шансата да има пациент Х кој ќе се зарази, а неговите Т-клетки не се доволно силни за да ја излекуваат инфекцијата, бидејќи се имуносупресирани. Така, на крајот таков пациент има инфекција за неколку дена, има некои антитела, бидејќи се развил делумен одговор на вакцината и вирусот се научува да ги избегнува и потоа тоа почнува да се шири“, истакнува Гупта.

На почетокот на оваа година, Гупта објави труд кој покажува дека овој процес може да се случи кај тешко болни пациенти на кои им е дадена реконвалесцентна плазма наполнета со антитела, кои ги убиваат вирусите. Бидејќи нивниот имунолошки систем сè уште не можеше да го уништи вирусот, тој научи да мутира околу овие антитела. Се шпекулираше дека широката употреба на реконвалесцентна плазма во раната пандемија е одговорна за појавата на варијанти.

„Не знаеме со сигурност, но се користеше многу плазма и тоа потенцијално беше еден од покренувачите на соевите. Тоа се користеше многу широко во Бразил, Индија, Англија и САД и сите тие земји имаа свои соеви“, рекол Гупта.
Како може да изгледа новата суперваријанта?

Епидемиолозите сега се обидуваат да моделираат како би можело да изгледа новата суперваријанта. Досега, големите трансформации во вирусот помогнаа да се зголеми неговата преносливост. Една од причините зошто делта имала такво влијание е тоа што расте исклучително брзо во човечките клетки, пред имунолошкиот систем да преземе акција. Како резултат на тоа, луѓето заразени со делта носат приближно 1.200 пати повеќе вирусни честички во носот во споредба со оригиналниот вид на вирусот SARS-CoV-2 и развиваат симптоми два до три дена порано.

Тоа е резултат на природна селекција. Постојано се создаваат различни копии на вирусот, но оние кои преживеале и станале подоминантни се оние кои се поспособни да заразат нови луѓе. Меѓутоа, во земји како Англија, каде што процентот на невакцинирана популација се намалува, ова може да почне да се менува. Соевите кои можат да ги заобиколат антителата веројатно ќе станат подоминантни, правејќи ја следната суперваријанта многу поуспешна во избегнувањето барем на некои делови од имунолошкиот одговор.

„Соевите на вирусот кои на крајот преживуваат и стануваат доминантни варираат во зависност од тоа во која фаза сте на пандемијата. Досега беше многу поважно вирусот ефикасно да се пренесе на преостанатата група незаштитени луѓе. Но, се очекува тоа сега да се промени“, вели Ханаџ за „Гардијан“.

Епидемиолозите: Потпирањето само на вакцина не е доволно

Иако ова може да звучи малку застрашувачки, не се сите вести лоши. Бидејќи вакцините против ковид-19 се осмислени имајќи ја на ум еволуцијата на вирусот, епидемиолозите не очекуваат дека некоја нова суперваријанта ќе ги направи целосно бескорисни, затоа е мошне мала веројатноста да доведат до големи сериозни епидемии како оваа во последните две години.
Освен тоа, развиена е и втора генерација на вакцина против ковид-19. „Новавакс“ се надева дека ќе добие регулаторно одобрение за својата вакцина во следните неколку месеци, а многу видови вакцини се очекува да се појават на пазарот до 2023 година. Сите производители преземаат свои чекори за борба против потенцијалните идни соеви.

Но, и епидемиолозите веруваат дека не е доволно само да се потпираат на вакцините. Гупта вели дека и покрај тоа што се обидуваме да најдеме соживот со ковид-19, сепак треба да постојат одредени ограничувања за да се спречи ширењето на вирусот и да се намали бројот на можности да мутира.

„Во моментов, бројот на случаи е толку голем што е многу подобро да се спречат нови инфекции. Со други зборови, не смееме да се движиме без маски во гужви и во затворени простории, иако тоа е тешко изводливо. Ако ги погледнете соевите кои сме ги имале досега, сите тие се појавија во земјите со многу висок и неконтролиран пренос, во Индија, Велика Британија и Бразил. Постои причина зошто не сме слушнале за сингапурска или јужнокорејска варијанта“, рекол Гупта.

Ова е став со кој се согласуваат многу негови колеги.

„Треба да го ограничиме бројот на можности коишто вирусот ги има за мутација и ширење. Со природната селекција, ја имаме најкреативната сила што ја знаеме кога е во прашање решавањето на проблемите. И затоа никогаш не би се обложил против тоа. Очекуваме вирусот да продолжи да расте“, заклучил Ханаџ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот