Нови имиња или ликвидација за „Ванчо Михаjлов“ и „Цар Борис“

Здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид и Клуб „Ванчо Михаилов“ во Битола / Фото: СП. архива, МИА

Сите здруженија имаат рок од три месеци да го усогласат своето име со новите одредби, а оние што нема да го сторат тоа ќе се бришат од Централниот регистар со одлука на министерот за правда, кој е должен да донесе одлука за престанок во рок од четири месеци по влегувањето на Законот во сила.

Бугарските културни клубови „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис“ во Охрид имаат рок од три месеци да ги променат своите скандалозни и неприфатливи имиња или по четири месеци ќе бидат ликвидирани со одлука на министерот за правда. Собранието вчера со 67 гласа ги донесе измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации по скратена постапка, чија цел, како што рекоа пратениците, е да се спречи повторувањето на досегашните примери на регистрација на здруженија и клубови кои предизвикуваат несогласувања и да се обезбеди правна заштита на уставниот поредок на државата.

Измените минатиот месец ги предложи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а пратениците на СДСМ дадоа поддршка, што е еден од ретките примери во последниве години кога и власта и опозицијата се едногласни во Собранието. За време на јавната дискусија, ДУИ не се изјасни за законските измени, а завчеравечер министерот за надворешни работи Бујар Османи во ТВ-настап рече дека овој закон не треба да важи ретроактивно и треба да ги опфаќа само новите здруженија, а постојните да не бидат забранети. Но за македонските партии е неприфатливо во земјата да постојат клубови со имиња на фашистичките соработници од Втората светска војна, па вчера без расправа, само со образложенија од пратеничките Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ и Соња Мираковска од СДСМ, предлогот беше изгласан.

Веќе во март ќе ги нема

Отсега е забрането да се основа организација ако програмата и целите се насочени, меѓу другото, кон поддршка, поттикнување и одобрување фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх. Како име или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица што по кој било основа со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, како и со ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот рајх.

За употреба на имињата на историски личности согласност ќе дава министерот за правда, по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности која тој ќе ја формира. Во Комисијата ќе има пет члена, по еден од министерствата за правда и за култура, еден од Институтот за национална историја и двајца од МАНУ.

Во преодните одредби е наведено дека сите здруженија имаат рок од три месеца да го усогласат своето име со новите одредби, а оние што нема да го сторат тоа ќе се бришат од Централниот регистар со одлука на министерот за правда, кој е должен да донесе одлука за престанок во рок од четири месеци по влегувањето на Законот во сила.

Мазнев: „Никола Вапцаров“ ќе си постои

Во Бугарија, пак, во тек е ликвидација на здружението што го отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, но според претседателот на клубот Атанас Мазнев, згаснувањето на здружението не значи и дека клубот ќе биде затворен. Мазнев објасни дека процесот бил почнат од бугарското обвинителство кратко по основањето на здружението во 2019 година, а првостепената пресуда за затворање била донесена во 2020 година. Но, додава, клубот „Никола Вапцаров“ ќе продолжи да функционира затоа што нема никаква врска со организацијата.

– Клубот е основан од Македонци од Пиринска Македонија, а здружението е на нашата група, овде, од Благоевград, и нема врска со функционирањето на клубот – вели Мазнев.

Претходно, градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов рече дека македонскиот клуб е нелегитимен, бидејќи не е во согласност со просторните закони и дека е само канцеларија во која се собираат луѓе на приватна основа. Мазнев вели дека, во суштина, констатацијата на градоначалникот е точна.

– Тие сакаа тој да им ја заврши валканата работа и да го забрани клубот, да ни ја попречи работата. Но човекот застана на вистинската страна на законот – рече Мазнев.

Тој најави дека Македонците во Благоевград веќе почнале процедура за формирање ново здружение.

ОМО „Илинден Пирин“ остро кон Османи

Во меѓувреме, забранетата партија ОМО „Илинден Пирин“ остро му возврати на министерот Османи, кој рече дека отворањето на македонскиот клуб во Благоевград е активност финансирана од сомнителни извори, по што ќе се создадат проблеми за луѓето што се дел од тие клубови, а ќе предизвика верижна реакција и таму и овде. Османи рече и дека политичарите што отидоа во Благоевград „да ловат одредени политички поени треба да се прашаат како сега ќе се оправдаат и како ќе им објаснат на Македонците таму зошто им е укинато здружението“.

– Многу е тажно да видиш дека Македонија е водена од толку лошо информиран министер. Господине Османи, другпат барем јавете се кај нас да имате точна информација за да не запаѓате во ситуации како сегашната. Друштвото за заштита на основни човекови права не е забрането по отворањето на клубот, ниту како последица од доаѓањето на вашите политички опоненти на неговото отворање. Друштвото е дерегистрирано три недели порано, само што врховниот суд не ги информирал неговите членови, а процесот на одземање на регистрацијата почна во 2019 година. Не памтиме да сте реагирале на тоа. Забраната на друштвото нема врска со ова што го зборувате и со луѓето, кои за разлика од вас дојдоа да покажат поддршка. Тие не само што немаат никаква вина, напротив, нивното доаѓање за Македонците овде беше силна морална поддршка, повеќе отколку што Република Македонија има направено во последните 30 години, но се разбира тука не го ставаме извршеното од вашата влада зашто со нула не се споредува. Тие што дојдоа не треба да се правдаат пред нас, вие треба да објаснувате пред македонскиот народ зашто не дојдовте – пишува, меѓу другото, во обраќањето на ОМО „Илинден Пирин“ до Османи.

Тие го повикуваат Османи да докаже дека е навистина загрижен за Македонците во Бугарија и како вистински министер за надворешни работи да реагира пред Бугарија за кршењето на нивните права!

На отворањето на клубот, во неделата во Благоевград присуствуваа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, кои беа срдечно пречекани од Македонците, а провоцирани од партиските активисти на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот