Нови американски напади против Хутите во Јемен
Бунтовничкото движење Хути во Јемен денес соопшти дека најмалку четиринаесет лица се повредени во повеќе од десетина американски воздушни напади во главниот град Сана и неговата околина, додека Вашингтон продолжува со кампањата од речиси секојдневни воздушни напади против бунтовниците, сојузници на Иран која ја започна од средината на март.
Препорачано
Новите бомбашки напади беа пријавени неколку часа откако осум лица беа повредени во Израел кога балистичка ракета од Хутите беше испукана кон меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив.
Според новинската агенција САБА, која е поврзана со движењето Хути, „два напади од американскиот непријател беа насочени кон улицата Арбаин“ во Сана, а трет на „патот до аеродромот“. Агенцијата, исто така, објави за два американски напади претходно, како и уште седум бомбашки напади на периферијата на главниот град.
„Четиринаесет цивили беа повредени во американскиот напад на улицата Арбаин“, додаде САБА, повикувајќи се на Министерството за здравство на владата на Хутите.
Бомбардирања се случија и во провинциите Мариб, Саада, лулката и упориштето на движењето Хути и Џаф.
Кон крајот на април, во американските воздушни напади врз Сана загинаа најмалку осум лица, а многу други беа повредени, според бунтовничкото движење.
Хутите, дел од таканаречената „оска на отпорот“ против Израел и САД, организациски лабав сојуз на движења блиски до Иран, велат дека го напаѓаат Израел и бродовите во Црвеното Море во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа, каде што беснее војна од октомври 2023 година.
Од јануари 2024 година, американската војска ги напаѓа позициите на Хутите во Јемен во обид да ги принуди да ги прекинат своите ракетни и беспилотни напади врз Израел и комерцијалните бродови што се движат кон Суецкиот канал преку Црвеното Море.


