Новата спортска сала во ОУ „Димо Хаџи Димов“ ќе биде повеќенаменска, ќе ја користат и спортски клубови
На 1400 метри квадратни ќе се простира новата училишна спортска сала во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, чија изградба веќе е во тек. Салата ќе биде со капацитет за 300 – 400 гледачи, ќе биде повеќенаменска, односно наменета за различни спортови, а освен за редовна настава на часовите по физичко образование на учениците, ќе може да ја користат и спортските клубови од општина Карпош.
Препорачано
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на настанот информира дека до неодамна била блокирана изградбата и самиот проект, но дека сега повторно се гради.
Тоа е добро затоа што е дел од образовниот процес, добро е што жителите на овој дел од градот ќе може да ја користат оваа спортска сала и најважно што учениците од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ќе имаат современ спортски објект каде што ќе може да се натпреваруваат во кошарка, во ракомет и во други спортови. Геометријата на самиот проект одговара на барањата и потребите на врвните федерации и тоа посебно треба да се истакне за овој проект, изјави Мицкоски.
Вкупната инвестиција изнесува речиси 64 милиони денари, средства обезбедени со поддршка над Владата. Градежните активности започнаа во јануари, а завршувањето на објектот се очекува во мај годинава.
Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски изјави дека поставуваат нови стандарди за да покажат дека Карпош „умее во инвестиците и прави сè за иднината, пред сè, на нашите најмали сограѓани“.
Оваа спортска сала е алтернатива на улицата за младината. Децата ќе имаат современи услови за настава по физичко образование, а клубовите од општината добиваат можност да имаат тренинзи со кои ќе дојдат до врвни спортски резултати. Салата се гради по сите европски нормативи и според стандардите на меѓународните спортски федерации, изјави Лукровски.
Градоначалникот посочи и дека општината има уште многу вакви проекти и се надева дека сите успешно и во рок ќе бидат завршени.


