Нова студија влева надеж: Има големи шанси природно да забремените по бебе добиено со ин витро

Фото: Пекселс/ creation-hill

Шансите да забремените по природен пат откако ќе се породите со ин витро оплодување (ИВФ) е доста висока, околу една од пет, велат истражувачите, пишува „Би-би-си“.

Тоа е вест што дава нова надеж околу планирањето на семејството и важна информација за контрацепцијата.
Истражувачите анализирале податоци од повеќе од 5.000 жени за да проценат колку е тоа вообичаено.

Неплодноста обично се дијагностицира само откако парот не успеал да забремени после една година неуспешни обиди.
Но, бидејќи женската плодност опаѓа со возраста, жените на возраст над 35 години, и сите кои веќе знаат дека можеби имаат проблеми со плодноста, треба да го посетат својот општ лекар порано.

Проблемите со плодноста можат да бидат трајни или повремени и може да влијаат на кој било партнер. Постојат многу причини кои можат да се лекуваат, но за околу еден од четири парови можеби нема да биде можно да се најде причина.

На Шема Тарик, од Лондон, ѝ била дијагностицирана „ниска резерва на јајце-клетки“, и ѝ било кажано дека шансите да забремени без ИВФ се речиси нула.

За да се зачне нејзиниот син, кој се родил во 2018 година, биле потребни шест круга на ИВФ.

„Мојот општ лекар накратко ми спомна контрацепција откако се роди нашиот син, но двајцата се смеевме и се согласивме дека тоа не е релевантно“, вели Шема.

„Никогаш не ми падна на памет дека можеби ќе забременам, иако сум лекар за сексуално здравје. Имав 43 години и ми беше кажано дека шансите да забременам по природен пат се помали од 1%. Осум месеци подоцна, неочекувано, и природно, бев бремена со нашата ќерка.Таа беше најубавото изненадување, но кога првпат дознавме, се чувствував преоптоварено и неподготвено за уште една бременост. Да знаев дека една од пет жени зачнува природно по ИВФ, ќе користев контрацепција додека не бев подготвена и емоционално и физички“, раскажа за своето искуство Шема Тарик.

Водечкиот автор на новото истражување, објавено во списанието „Човечка репорудукција“ (Human Reproduction), д-р Анет Твајтс, од Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјави: „Нашите наоди сугерираат дека природната бременост по раѓањето на бебе со ИВФ е далеку од ретка. Ова е во спротивност со широко распространетите ставови од страна на жените, здравствените работници и медиумите, дека тоа е многу неверојатно“.

11-те меѓународни студии што ги разгледа нејзиниот тим покажаа дека најмалку една од пет жени зачнале по природен пат откако родиле бебе користејќи третман за плодност, главно во рок од три години.

Клиничкиот ембриолог д-р Марта Јанша Перез, од Британското здружение за плодност, изјави: „Оваа студија ја нагласува важноста на пациентите да им се дадат точни информации за нивните шанси за зачнување во секој момент, особено по раѓањето на бебе со ИВФ. Добра вест е што толку голем дел од пациентите можат да забременат природно по ИВФ, но луѓето треба да бидат свесни дека во случаи кога возраста на жената е фактор за неуспех да забремени или има тежок машки фактор за неплодност, би било препорачливо да се побара третман за второ дете“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот