Крави - Фото: pexels-Christina & Peter

Нова студија открива: Кравите препознаваат човечки лица и ги поврзуваат со гласови

Кравите покажуваат визуелна склоност кон нови човечки лица во споредба со познати и можат да го поврзат гласот на познат старател со неговото лице, покажува студија објавена во отворено достапното списание „Плос Ван“ од францускиот институт ИНРАЕ, пишува „Физ.орг“.

Домашните животни како кравите (Бос таурус таурус) живеат во блиска контактна средина со луѓето и истовремено се многу социјални животни. Со цел да се разбере дали кравите можат да разликуваат познати и непознати лица, авторите на студијата собрале податоци од триесет и две крави од расата прим холштајн (Prim’ Holstein).

На кравите им биле пуштани видеа без звук со познати и непознати машки лица, а истражувачите мереле колку долго животните гледаат во нив. Потоа биле спроведени тестови за препознавање преку повеќе сетила, при што биле пуштани видеа со познати и непознати лица додека истовремено се емитувал звук што одговарал на едниот од двајцата мажи, при што секој од нив изговарал идентична реченица. Исто така се мерела срцевата фреквенција на животните додека ги гледале видеата за да се утврди дали кравите реагираат емоционално.

Животните не биле вознемирени од немите видеа и подолго гледале во видеа со непознати луѓе, што укажува дека можат да разликуваат познато и непознато лице.

Кога видеата биле комбинирани со звук, кравите поминувале повеќе време гледајќи во видеото кога гласот одговарал на лицето, што покажува дека можат да поврзат лице со гласот што го слушаат. Сепак, според мерењата на срцевиот ритам, ниту познатите ниту непознатите лица и гласови не предизвикале значајна емоционална реакција кај кравите.

Иако авторите нагласуваат дека видеа и аудио снимки не се исто што и директна интеракција со човек, резултатите укажуваат дека кравите можат да разликуваат познати и непознати луѓе и да ги препознаваат по лице и глас. Тие предлагаат дека се потребни дополнителни истражувања за начинот на кој кравите комуницираат со конкретни луѓе, со цел подобро разбирање и подобрување на нивната благосостојба.

Авторите додаваат: „Во оваа студија, користејќи тестови на визуелна преференција и поврзување преку повеќе сетила, покажавме дека кравите се способни да обработуваат човечки лица прикажани во дводимензионални видеа и да ги поврзат познатите и непознатите лица со соодветните гласови преку интеграција на повеќе сетилни модалитети.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот