Нова студија открива: Доволна е само една виршла дневно за сериозни здравствени проблеми!
Знаеме – виршлите се брзи за спремање, евтини и омилени меѓу децата. Никој не очекува одеднаш да се откажеме од она што го сакаме. Но, новите научни сознанија нè предупредуваат барем накратко да се запрашаме: колку малку е потребно за нашето тело да почне да страда?
Препорачано
Нова студија објавена во престижното научно списание „Нејчр медисин“ носи загрижувачки заклучоци: дури и мали количини преработено месо можат да го зголемат ризикот од сериозни болести, како што се рак, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања. Во истата ризична категорија спаѓаат и газираните пијалаци со додаден шеќер, како и индустриските транс масти што често се присутни во грицки и пекарски производи, пишува „Е-клиника“.
Една виршла дневно – 11 отсто поголем ризик од дијабетес
По анализа на повеќе од 60 претходни истражувања, научниците утврдиле дека редовната консумација, дури и на мали количини од овие производи, значително го зголемува ризикот од хронични болести. Луѓето што секојдневно јаделе по една виршла имале:
- 11 отсто поголем ризик од дијабетес тип 2
- 7 отсто поголем ризик од рак на дебелото црево
Исто така, пиењето само една лименка газиран сок дневно било поврзано со:
- 8 отсто зголемен ризик од дијабетес тип 2
- 2 отсто зголемен ризик од исхемично срцево заболување
Овие податоци дополнително ги потврдуваат претходните истражувања дека прекумерниот внес на црвено месо и шеќер може да доведе до развој на рак, особено кај помлади лица.
Нема „безбедна количина“ преработено месо
Главниот автор на студијата, д-р Демевоз Хајле од Институтот за здравствени метрики во Сиетл, нагласува дека дури и умерен внес на овие намирници не е без ризик:
„Навики како секојдневна консумација на преработено месо, засладени пијалаци и транс масти се поврзани со зголемен ризик од дијабетес тип 2, исхемично срцево заболување и рак на дебелото црево. Преработеното месо опфаќа производи како сланина, колбаси и шунка, кои најчесто се конзервираат со солење, димање или сушење. Во нашата анализа, дневен внес од само 57 грама (отприлика големината на една виршла) беше доволен за зголемен ризик“, вели д-р Хајле.
Кај газираните пијалаци, дневен внес од околу 390 мл бил доволен за:
- најмалку 8 отсто зголемен ризик од дијабетес тип 2
- 2 отсто зголемен ризик од срцеви заболувања
Секој грам преработено месо го зголемува ризикот – не постои безбедна количина.
И транс мастите се закана по здравјето
Индустриски произведените транс масти – присутни во многу пекарски производи, грицки и брза храна – исто така имаат негативно влијание. Дури и мали количини биле поврзани со најмалку 3% зголемен ризик од исхемично срцево заболување.
„Фокусот беше ставен на транс мастите во производи како крофни, колачиња, печива, пржена храна и чипс“, објаснува д-р Хајле.
Наместо строги забрани – разумен и поздрав избор
Заклучокот на експертите е јасен: колку помалку преработено месо, засладени пијалаци и индустриски транс масти, толку подобро за здравјето.
Иако не можеме целосно да ги избегнеме овие производи, секој избор да ги замениме со поздрава алтернатива – значи помал ризик и подобро здравје на подолг рок.
Да, сите понекогаш посегнуваме по виршла, сок или печиво „на брзинка“. Во денешното брзо секојдневие, не е лесно секогаш да се избере совршено здрав оброк. Но поентата не е во строго откажување, туку во свесноста. Секоја мала промена, секој чекор кон поздрава исхрана, е чекор подалеку од хронични заболувања.
Не мора да бидеме совршени, доволно е да бидеме повнимателни кон себе.


