Нова продукција на платформата за млади уметници „Инкубатор“ е танц-проектот „Прозорци“

Во продукција на „Инкубатор“ – платформа за млади уметници, на 15 декември, со почеток во 19 часот, во Домот на АРМ премиерно ќе биде изведен проектот „Прозорци“.

Автор на проектот е Матеа Мијановиќ, а го создава во соработка со младите уметници Митко Дамјановски, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Адријана Данчевска и Драган Теодосиев. Проектот е поддржан од Министерството за култура и од Град Скопје.

Идејата врз која се базира продукцијата е истражување на нови правци на создавање, тематски поврзани со лични состојби, како отвореност и спреченост, состојби кои се во директен сооднос со самите уметници, нивните внатрешни и надворешни ограничувања и можности.

Проектот „Прозорци“ е резултат на креативните работилници кои се одвиваа на овие теми, експресивен графички и геометриски приказ, во кои се детерминираат можностите и се надминуваат границите, преку минималистички пристап во сите три уметнички категории.

„Прозорци“ е студија за релациите, отуѓеноста и моменталното чувство на поединецот, искажана низ монотонијата на секојдневните рутини во однесувањето, со цел да отвори „прозорец“ кон надминување на тие секојдневни рутини и калапи на однесување.

Матеa Мијановиќ е скулптор и продуцент. Со свои дела учествува во повеќе изложби, меѓу кои и на групните изложби: „Близина и Далечина“ во Младинскиот културен центар и групна изложба на Факултетот за ликовни уметности – Скопје во 2016 година; „Young Art“ во Националната галерија на Македонија – Мултимедијален центар „Мала станица“ во 2015 година; групна изложба на Факултет за ликовни уметности – Скопје во 2014 година.

Во периодот од 2014 до 2020 година работи како асистент на проектите на академскиот скулптор Жарко Башески. Во 2018 година го создава и менаџира проектот „Инкубатор – Платформа за млади уметници“, првично поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје. Овој проект се одвива во континуитет и во 2019, 2020, 2021 и 2022 година.

Во 2018 и 2019 година го создава и менаџира проектот „Современ Стар Град“, кој е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура. Во 2020 го создава проектот „Протоген – Прва колонија за применета уметност“, кој во континуитет се одржува и во 2021 година.

Во 2021 работи како координатор на реставрација на „Куќата на Соколови“, проект во рамките на ПЛРК-програмата водена од Светска Банка, со кој комплетно се реставрира и санира традиционална куќа, изградена во 1812 год, која како дел на кратовското градско јадро е заштитена како споменик на културното наследство на Македонија.

Матеа Мијановиќ работи и како сценограф и продуцент во повеќе танцови продукции и нивни меѓународни претставувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот