Нова истрага во прилепската болница: Главниот благајник украл над 15 милиони денари наплатени од пациенти
Главниот благајник во прилепската болница две години ги присвојувал парите што пациентите ги плаќале на шалтерите за партиципација и приватни услуги, наместо да ги уплати на сметката на болницата.
Препорачано
Тој утрово беше приведен од страна на Финансиската полиција.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп, по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, поведе истражна постапка против благајникот, за кое постои сомнеж дека сторил продолжено кривично дело – проневера во службата.
„Тој во временскиот период од 01.01.2020 до 31.12.2021 година, во својство на службено лице, вработен како главен благајник во Одделението за материјално финансиско работење во Секторот за материјално-финансиски работи и сметководство при Општата болница во Прилеп, со намера да прибави противправна имотна корист, присвоил пари доверени во службата.
Во повеќе наврати дел од наплатените и примените парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствнеи услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болница, не изготвил обрасци ‘каса прими‘ и истите противправно ги присвоил за себе“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Со тоа, прибавил имотна корист во вкупен износ од 15 063 284 денари.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот.


