Нов судски скандал го тресе Холивуд: Фамилијата Присли ѝ дала јајце-клетки на Кели Престон за да добие дете со Џон Траволта
Името на холивудската ѕвезда Џон Траволта се појави во нова, контроверзна судска постапка поврзана со семејството Присли, откако во дополнета тужба беа изнесени низа шокантни, но засега непотврдени тврдења кои се однесуваат и на неговиот 15-годишен син Бенџамин, кого го доби со починатата сопруга Кели Престон.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според пишувањето на „Дејли мејл“, станува збор за дополнување на тужба вредна 50 милиони долари за наводно кршење договор, поднесена од поранешните деловни соработници на Присила Присли – Брижит Круз и Кевин Фијалко. Како тужени се наведени Присила Присли и нејзиниот син Навароне Гарибалди Гарсија, а во документите се изнесуваат низа „експлозивни“ тврдења, кои, како што се нагласува, се темелат исклучиво на наводни изјави на трети лица.
Едно од најконтроверзните тврдења е дека внуката на Елвис Присли, актерката Рајли Кио (36), наводно донирала јајце клетки на Џон Траволта и Кели Престон за тие да добијат син во 2010 година. Доколку ова би било точно, Бенџамин Траволта би бил правнук на Елвис Присли. Сепак, во тужбата не е приложена никаква медицинска документација што би го потврдила ова.
Во истиот документ се наведува и дека покојната Лиса Мари Присли, мајката на Рајли Кио, наводно претходно донирала јајце клетки за Кели Престон да може да забремени, но не е познато дали од тој наводен обид воопшто се родило дете.
Како извор на дел од тврдењата во дополнетата тужба се споменува Мајкл Локвуд (61), поранешен сопруг на Лиса Мари Присли и татко на нејзините 17-годишни близначки Харпер и Финли. Според поднесокот, Локвуд наводно ѝ рекол на Круз дека Кели Престон „не можела да има свои деца“ и дека Траволта и Престон претходно се обиделе да добијат дете користејќи јајце клетки од Лиса Мари.
Локвуд, пак, за „Дејли мејл“ ги негираше овие тврдења.
„Тоа звучи лудо. Никогаш не сум чул нешто такво“, изјави тој.
Во тужбата понатаму се тврди дека Траволта и Престон во 2010 година повторно му се обратиле на семејството Присли, една година по смртта на нивниот син Џет, со наводна цел актерот да ја „спаси кариерата“ во период кога беше соочен со обвинувања за недолично сексуално однесување, кои тој повеќепати ги негираше.
Во документите се споменува и наводна изјава дека Траволта се откажал од користење јајце клетки од Лиса Мари, со коментар дека не сакале „јајце клетки со хероин на нив“, алудирајќи на нејзината претходно позната зависност од опиоиди.
Наместо тоа, се тврди дека Рајли Кио наводно донирала јајце клетки, а Кели Престон го родила Бенџамин во ноември 2010 година, кога имала 48 години. Како дел од наводниот договор се споменуваат стар автомобил „јагуар“ и исплата од 10 до 20 илјади долари за Кио.
Во прилог на тврдењата се наведува и рачно напишана белешка со фрази како „клиника за плодност во Калифорнија“, „Бен Траволта“ и „Кели Престон го носеше бебето“, како и наводна порака во која Бен е опишан како „прекрасен правнук“ на Присила. Тужбата оди чекор подалеку, тврдејќи дека целиот аранжман наводно барал одобрување од Саентолошката црква и дека Присила имала контрола врз процесот.
Адвокатот кој ги застапува Присила Присли и Навароне Гарибалди Гарсија остро реагираше, оценувајќи ги наводите како „скандалозни“ и целосно нерелевантни за предметот на спорот, обвинувајќи ги тужителите дека се обидуваат да извршат притисок и дополнително да ѝ нанесат болка на семејството.
Од друга страна, претставникот на Круз и Фијалко, Џордан Метјуз од адвокатската канцеларија „Холц Метјуз“, изјави дека се „скршени“ што морале да поднесат ново дополнување на тужбата и дека нивната цел е „изнесување на вистината и исправување на неточните наводи“, додавајќи дека „вистината на крајот ќе излезе на виделина“.
Претставниците на Џон Траволта и Рајли Кио засега не одговориле на барањата за коментар.
За потсетување, Џон Траволта и Кели Престон се венчаа во 1991 година и имаа три деца: ќерката Ела (25), Бенџамин и најстариот син Џет, кој почина во 2009 година на 16-годишна возраст за време на семеен одмор на Бахамите. Кели Престон почина во јули 2020 година, две години по дијагнозата рак на дојка.
Рајли Кио е во брак со австралискиот каскадер Бен Смит-Петерсен од 2015 година. Двојката има две деца – ќерка родена во 2022 година и уште едно дете родено со помош на сурогат-мајка во 2025 година.


