Нов протест на вработените во Култура: Бесими да ги зголеми нашите плати како во неговото министерство

Фото: УПОЗ / Фејсбук

И на денешниот протест вработените од Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм побараа средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, за да ги слушне нивните барања. Тие уште еднаш испратија апел за зголемување на нивните плати за 30 проценти, по примерот на зголемувањето на платите во Министерството за финансии.

– Четири дена министерот Бесими не издвои десет минути од своето време, од својата агенда да не удостои со своето внимание за да ги слушне нашите барања. Уште една манифестација на нерамноправниот однос на надлежните кон вработените во јавниот сектор. Уште една потврда дека вработените во одредени министерства се поважни од другите. Уште една потврда дека не постои волја да се решаваат работите туку да се наметнуваат решенија кои се поволни за едните, но не и за другите – порача претседателот на Синдикатот на УПОЗ при Министерството за култура, Бранко Костовски, на денешниот протест.

Тој додаде дека Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм немаат склучено никаков колективен договор на ниво на работодавец. Според него, 70 проценти од вработените во Министерството, односно 90 проценти во Управата имаат подпросечна плата во државата.

– Колективниот договор кој вчера беше посочен од страна на претседателот на Владата се однесува за вработените во установите од областа на културата, а не на вработените во Министерството, Агенцијата и Управата. Бараме достоинствена валоризација на нашиот труд, бараме зголемување на платите за 30 проценти по примерот на зголемувањето на платите во Министерството за финансии, го бараме она што го заслужуваме – додаде Костовски.

Тој посочи дека нема да отстапат од нивните барања. Како што рече, подготвени се на дијалог, но во отсуство на истиот, ќе бидат принудени да бараат нови начини за изразување на нивното незадоволство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот