Нинова: Не бугарската влада, туку луѓе на претседателот Радев извезувале оружје за Украина

Корнелија Нинова, БСП / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Последните недели прашањето за извозот на оружје од Бугарија во Украина беше злоупотребено, а Бугарија беше обвинета дека едно зборува јавно, а друго прави под маса, изјави денеска бугарската вицепремиерка и министерка за економија Корнелија Нинова, пренесуваат бугарските емдиуми.

-Ние тврдевме дека не сме извезле ниту еден шаржер за Украина, тие (од кабинетот на претседателот Радев) тврдеа дека со посредници ноќе се продавале тони оружје вредно милијарди левови, изјави Нинова и додаде дека била прозвана од претседателот да „ја соопшти вистината на јавноста“.

Пред неколку дена, секретарот на бугарскиот претседател Димитар Стојанов покажа дел од документ во кој се наведува дека пратка со оружје била пренасочена од нејзината крајна дестинација во Исламската Република Авганистан и била испратена во Украина.

Денеска Нинова тврди дека со овие податоци, всушност, самиот претседател и преодната влада што тој ја назначи се виновни за трговија со оружје за Украина.

Министерката го покажа документот од кој, според неа, јасно се гледа дека се работи за извештај од поранешниот директор на ВМЗ Сопот до управниот одбор. Станува збор за зделка склучена во 2021 година од кабинетот на Румен Радев и привремениот премиер Стефан Јанев. -Извршниот директор на ВМЗ сакал да се промени датумот и испораката од 2021 година на 29 април 2022 година. И да се префрли од локација во Авганистан на локација во Украина, објасни Корнелија Нинова.

Таа покажа уште еден документ со кој управниот одбор ја одобрил промената на зделката. -Овој одбор на директори доставил документи до Меѓуресорската комисија за оружје, но сега за Украина. Во меѓувреме, министерот е сменет и јас ја имам оваа функција. Документите доаѓаат до комисијата и таа одбива да го разгледа овој договор и јас не издавам дозвола. Го менувам извршниот директор на ВМЗ Сопот, кој беше назначен од ГЕРБ во 2015 година, а управниот одбор беше назначен на крајот од последниот официјален кабинет, објасни министерката за економија.

Корнелија Нинова одби да каже дали ова сознание е поврзано со одбивањето на БСП да се појави на консултации со претседателот, како и со предвременото прекинување на разговорите од страна на Румен Радев.

-Ова не е војна против претседателот, туку битка за вистината и стопирање на лажните вести. Оваа вистина не може да се менува за да биде уништен некој што не ви се допаѓа. Претседателот ме прозва да кажам, па еве кажувам иако многу месеци се воздржувам, рече Нинова.

-Владата и министерството си ја завршија работата, договорот е суспендиран и овој одбор и директор се разрешени. Сега го прашувам претседателот како ќе ја исчисти оваа дамка врз институцијата на неговиот генерален секретар, бидејќи тоа е направено намерно. Стојанов го има целиот документ штом го извади во јавност. Знае дека ова е зделка на официјалниот кабинет на претседателот Радев, а сепак извади само дел од документ со цел да манипулира со граѓаните. Со овие документи самиот тој го посочува шефот на државата и неговата техничка влада за трговија со оружје за Украина, рече Нинова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот