Никол Кидман, Бијонсе и Венус Вилијамс ќе ѝ се придружат на Ана Винтур како кодомаќини на Мет Гала 2026
Никол Кидман, Бијонсе, Венус Вилијамс и секако, Ана Винтур ќе бидат кодомаќини на престижната Мет Гала 2026, која традиционално се одржува првиот понеделник во мај во Њујорк. Ова ќе биде прво појавување на Бијонсе на настанот од 2016 година, кога носеше креација на „Живанши“ за темата „Manus x Machina: Fashion in an Age of Technology“, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Позната како „најголемата модна вечер“ или „Супербоулот на модата“, Мет Гала секоја година избира кодомаќини кои одлучуваат за внатрешниот дизајн, гостите, кетерингот и целокупната атмосфера на настанот. Тие често настапуваат, ја водат вечерта и најважно од сè мораат да изгледаат апсолутно совршено во согласност со темата. Во минатото кодомаќини биле ѕвезди како Зендаја, Хари Стајлс, Ријана, Донатела Версаче, Миранда и Сара Џесика Паркер.
Тема 2026: Уметност на костимот
Годинашните кодомаќини ќе ја предводат Гала вечерта инспирирана од темата „Costume Art“, која се поврзува со пролетната изложба на Институтот за костими. Најавена минатиот месец, изложбата ќе биде отворена за јавноста од 10 мај 2026 и има за цел да го истражи човечкото тело во уметноста преку спојување на слики, скулптури и предмети од колекцијата на Мет со 200 историски и современи модни парчиња.
Посетителите ќе можат да видат впечатливи комбинации, како, слика на Адам и Ева од 16 век од Албрехт Дирер заедно со авангардна креација на белгискиот дизајнер Валтер Ван Бејрендонк.
„Сакав да ја истакнам централната улога на облеченото тело во музејот и да ја поврзам уметничката претстава на телото со модата како уметничка форма“, изјави Ендрју Болтон.
Нови галерии и нова модна визија
Изложбата ќе биде организирана во тематски целини: голото тело, анатомското тело, стареењето, бременоста и други визуелни интерпретации. Ова ќе биде првата изложба во новите, постојани простории на Институтот за костими – Condé Nast Galleries, кои се простираат на речиси 10.000 квадратни метри и се именувани по основачот на медискиот гигант.
Темата, која секоја година инспирира некои од најзапаметените изгледи во модата, ветува спектакуларна креативност и во 2026. Мет Гала има богата историја на легендарни модни моменти од „омлет-фустанот“ на Ријана до екстравагантните креации.
Безос како главен спонзор
Основачот на Амазон Џеф Безос и Лорен Санчес Безос неодамна беа потврдени како главни спонзори на Мет Гала 2026, што предизвика реакции и критики на социјалните мрежи поради сè поголемото вклучување на технолошките милијардери во модната индустрија.
Списокот на организатори продолжува
Креативниот директор Ентони Вакарело и актерката Зои Кравиц ќе бидат ко-претседавачи на организацискиот комитет на Мет Гала. Во комисијата ќе се приклучат и познати имиња како Доџа Кет, Сабрина Карпентер, Гвендолин Кристи, Лена Данам и наследничката на Ана Винтур во „Вог“ – Клои Мале.


