Панче Тошковски / Фото: Канал 5 / Само интервју / скриншот

„Никогаш тоа не би го сторил нашиот премиер“, вели Тошковски за обвинувањата дека Мицкоски ургирал кај Савески

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека лично верува оти премиерот Христијан Мицкоски никогаш не би влегувал во какви било незаконски комуникации или пак би влијаел врз некој обвинител за да постапува на одреден начин.

Изјавата доаѓа откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го затвори предметот за милионски проневери при јавни набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“, поради недостиг на докази. Во случајот беа обвинети поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и бизнисменот и поранешен функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски.

Премиерот Мицкоски, министерот за правда Игор Филков, како и самиот Тошковски, жестоко реагираа и рекоа дека се шокирани од тоа што предметот е затворен. Но, обвинителката која го водеше, Катерина Коларевиќ, вчера рече дека токму исказите на актуелни претставници на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), овластени од актуелниот директор на државната компанија, дека во набавките немало ништо спорно, биле клучни за да се затвори случајот.

Во меѓувреме, Обвинителството преку соопштение раскажа дека премиерот Мицкоски завчера првпат му се јавил на државниот обвинител Ненад Савески, но и дека не разговарале за случајот со мазутот.

Во гостувањето во „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“, Тошковски беше прашан за телефонскиот разговор, за што опозициската СДСМ обвини дека „премиерот и обвинителот се договарале по телефон за предмети и тек на истрага“.

„Лично познавајќи го премиерот, сигурен сум дека никогаш не би влегол во рамки на одредени комуникации кои би биле незаконски, а камоли, пак, во насока да влијае на кој било обвинител, конкретно дали треба да постапува вака, така или не знам како. Никогаш тоа не би го сторил нашиот премиер“, рече Тошковски.

Тој не верува дека е направена „каква било конкретна неправилност при која било дејност што ја презел Мицкоски во насока на комуникација со јавниот обвинител“.

„Претпоставувам дека сакал да добие изворна информација за она што ја шокираше целокупната македонска јавност, како прв човек на Владата, претставник на македонските граѓани, навистина не гледам ништо спорно во тоа“, рече Тошковски.

Тој додаде дека „има механизми во системот, доколку се увиди дека има некакво нарушување на принципите на работа во Обвинителството“, наведувајќи го примерот на поранешниот обвинител Љубомир Јовески со супензијата на поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Рускоска. „Ќе видиме како ќе се развива таа работа“, рече Тошковски.

Пропадна предметот со Капушевски и Јахоски за мазутот — „не се утврдени злоупотреби“, вели Обвинителството

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот