Ни требаат повеќе пари, вели претседателот на Судскиот совет, Камбовски
Независен буџет и повеќе средства ни се потребни за да излеземе од големата криза во која се наоѓа судството, порача претседателот на Судски совет, Александар Камбовски.
Препорачано
-Во однос на тоа како се трошaт парите и досега бевме контролирани – рече Камбовски во „Топ тема“ на „Телма“.
Во однос на најавите за „робусни“ акции и мерки, тој вели за тоа се надлежни полицијата и обвинителството, а не премиерот.
Околу претстојното судење за пожарот во Кочани, Камбовски вели дека е „сигурен и уверен“ дека судството ќе одговори „како што треба“ во процесот.
„Ќе биде на висина на задачата. Се вложуваат максимални напори да се обезбедат минимално пристојни услови, бидејќи, како што знаете, таму ќе учествуваат голем бројна на странки, голем број на обвинети, обвинители, бранители, имаме голем број на оштетени лица, нивни полномошници кои исто така се адвокати. Се прават максимални напори да се обезбедат тие услови, но исто така апелирам и до судиите кои што ќе постапуваат во овој предмет, постапката да ја водат професионално, храбро, да не дозволуваат одолговлекување на истата, да не дозволуваат злоупотреба на правата кои што ги дава законот за кривична постапка. Се надевам дека ќе добиеме едно квалитетно судење кое на крајот ќе резултира со една судска одлука која што ќе нѝ каже што точно се случило и кој точно е одговорен за тоа што се случило“, рече Камбовски.
Во судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63-ца луѓе, а околу 200 беа повредени, се предвидени по две рочишта неделно, а првото е закажано за 19 ноември.


