Ни требаат модерни домови, но да не бидат финансиски товар за студентите, велат од УСС УКИМ
Измените на Законот за студентски стандард изминатиов период предизвикаа различни реакции, особено што студентите ќе плаќаат поскапо во реновираните домови, а воедно ќе има и помалку стипендии за социјалните категории. Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) вели дека измените отвораат важни прашања за иднината на домовите, нивната реконструкција, финансирањето и условите за студентите.
Препорачано
УСС УКИМ ја поздравува секоја иницијатива што би водела кон подобри, побезбедни и подостоинствени услови за студентите. Истовремено, како студентски претставници, сметаат дека секоја реформа мора да биде јасна, транспарентна и внимателно поставена, со цел, како што велат, да не создаде дополнителен финансиски товар или неизвесност за студентите.
„Системот потфрла, со години студентските домови се соочуваат со сериозни предизвици, застарена инфраструктура, недоволно одржување, апокалиптични и девастирачки услови, услови кои го доведоа студентскиот стандард на раб на егзистенција. Наместо достоинствен студентски живот, илјадници млади секојдневно се соочуваат со ладни соби, распаднати тоалети, мувла, дотраени инсталации и целосно запоставени студентски домови. Студентскиот стандард не смее да остане само формална обврска на хартија“, соопштуваат од УСС УКИМ.

Според студентите, потребни се конкретни решенија, подобро управување, јасни критериуми и реални инвестиции кои ќе обезбедат достоинствени услови за живот и студирање.
„Постоечкиот модел на финансирање и функционирање одамна го надмина своето време и претставува рецидив од еден поранешен систем. Студентите не бараат луксуз, бараат функционални, безбедни и достоинствени студентски домови. Студентите бараат суштински промени, нов, модерен и оджлив систем што ќе обезбеди ефикасно управување, транспаретно финансирање и реални инвестиции во студентските домови“, соопштуваат од УСС УКИМ, објавувајќи и своја анализа-споредба меѓу постојното законско решение, предложените измени и, како што велат, реалните потреби на студентите.



Како една од поентите за новиот закон, сметаат дека тој носи чекор кон модернизација, но, според УСС УКИМ потребно е да се внимава реформите да не значат дополнителен товар за студентите, особено за оние што живеат во реконструираните домови.
„Реконструкцијата на домовите е потребна и очекувана мерка со години, и важно е што конечно се отвора процес за подобрување на условите во кои живеат студентите. Во тој процес, клучно е паралелно да постои јасен план за сместување, рокови и сигурност дека студентите нема да бидат оставени без соодветни услови. Дигитализацијата не е само ПДФ на веб-страница – дигитализацијата треба да значи функционален систем во кој студентите лесни ќе ги следат своите рокови, документи и резултати, без неотребни компликации. Студентскиот стандард не се валоризира само со членови во закон, туку со тоа дали студентот има топла соба, чист тоалет, нормален оброк и одговор кога ќе пријави проблем“, велат студентските претставници од УКИМ.
Оттаму поставуваат и прашања до МОН – како ќе се пресметува партиципацијата за студентите во реконстуираните и нереконстуираните домови и дали ќе има механизам со кој ќе се спречи дополнително финансиско оптоварување на студентите?
„(Исто така) што ќе се случува со студентите додека нивниот дом е во процес на реконструкција? Кои минимални услови треба да ги исполнува секој студентски дом, без разлика дали е Тип1 или Тип 2? Кој е рокот на реконструкција на сите студентски домови да достигнат достоинствен и функционален стандард? Студентскиот стандард не е само законска категорија. Тој е реален живот – соба, храна, хигиена, греење, безбедност и достоинствени услови за студирање“, нагласуваат од УСС УКИМ.
Инаку, ресорната министерка Весна Јаневска најави дека од 1 октомври студентите ќе бидат сместени во реконстуираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а најдоцна до септември се очекува да почне реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во Македонија.
Таа им порача на студентите дека повеќе нема да се жалат на несоодветните услови на студентските домови и дека ќе добијат реновирани и модерни домови за кои, како што рече, треба и да се грижат.
„Студентите добиваат модерни европски стандарди, студентски домови. И отсега па натаму нема бркање глодари, нема бркање инсекти, ќе имаат соодветна храна, ќе имаат соодветно сместување. Нема лепење прозорци, нема лифтови што се клатат, нема-има топла вода, нема струја. И како што можете да видите, ова е сосема реално“, изјави Јаневска.
„Нема веќе бркање глодари и инсекти“ – Јаневска најави модерни студентски домови од октомври


