„Нема веќе бркање глодари и инсекти“ – Јаневска најави модерни студентски домови од октомври
Од 1 октомври студентите ќе бидат сместени во реконстуираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а најдоцна до септември се очекува да почне реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во Македонија, најави денеска министерката Весна Јаневска, која беше на увид во градежните работи за темелна реконструкција на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда. Таа им порача на студентите дека повеќе нема да се жалат на несоодветните услови на студентските домови и дека ќе добијат реновирани и модерни домови за кои, како што рече, треба и да се грижат.
Препорачано
„Студентите добиваат модерни европски стандарди, студентски домови. И отсега па натаму нема бркање глодари, нема бркање инсекти, ќе имаат соодветна храна, ќе имаат соодветно сместување. Нема лепење прозорци, нема лифтови што се клатат, нема-има топла вода, нема струја. И како што можете да видите, ова е сосема реално“, изјави Јаневска.
Таа нагласи дека од септември ќе има изградба и реконструкција на останатите седум други студентски домови во Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Пелагонија и кујната во „Гоце“. Работите ќе се одвиваат истовремено во зависност од големината на домот, реконструкциите и енергетската ефикасност, а ќе траат година и половина до две години.
„За две години ќе имаме комплетно нови студентски домови со европски стандарди“, рече Јаневска и нагласи дека нема да има студентски домови за богати и сиромашни, туку дека сите домови ќе бидат со ист квалитет за сите студенти во државата.
Додека трае реконструкцијата на студентските домови, Јаневска рече дека престојот на студентите ќе го решаваат различно во секој град.
„Во дел студентите ќе бидат во закупен приватен студентски дом. Во друг град ќе бидат во обезбеден простор – интерресорска соработка со две министерства, во трет град ќе бидат користени дел од ученичките домови. Ниеден студент нема да остане на улица, сите ќе си го добијат она што им следи“, рече Јаневска.
За реконструкција и изградба на студентските домови ќе бидат потрошени околу 50 милиони евра, од кои 10 милиони евра се грант. Парите се обезбедени со заем од Германската развојна банка, а грантот е преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.


