ФОТО | Неверојатно! Илјадници отпечатоци од стапала на диносауруси стари 210 милиони години откриени во Италија
Илјадници отпечатоци од диносауруси, стари неверојатни 210 милиони години, се откриени во национален парк во северна Италија, едно од најважните палеонтолошки откритија во поново време. Спектакуларното откритие нуди уникатен увид во животот на древните влекачи кои некогаш талкале во областа, пишува Би-би-си.
Препорачано
Отпечатоци од древни џинови
Отпечатоците, од кои некои се со дијаметар до 40 сантиметри, се распоредени во паралелни редови, а многу јасно покажуваат отпечатоци од прсти и канџи. Научниците веруваат дека им припаѓаат на просауроподи – тревојадни диносауруси со долги вратови, мали глави и остри канџи.
– Никогаш не би замислувал дека ќе наидам на толку спектакуларно откритие во регионот каде што живеам – рекол миланскиот палеонтолог Кристијано Дал Сасо.
Сцена од тријаскиот период
Зачудувачките траги, кои се протегаат стотици метри на вертикална планинска карпа во Националниот парк Стелвио, првпат беа забележани од фотограф минатиот септември. Во текот на тријаскиот период, пред околу 250 до 201 милион години, карпата била плимно рамниште кое подоцнежните геолошки процеси го направиле дел од алпскиот синџир.
– Ова место било полно со диносауруси; тоа е огромно научно богатство – рекол Дал Сасо.
Тој додаде дека стадата се движеле координирано и дека „постојат и траги од посложени однесувања, како што се групи животни кои се собираат во круг, можеби за одбрана“.
Просауроподите можеле да пораснат до 10 метри во должина и најчесто оделе на две нозе. Сепак, во некои случаи, пронајдени се отпечатоци од предни екстремитети, што сугерира дека тие веројатно застанувале и се одморале со спуштање на предните екстремитети на земја.
Иднината на локацијата и неговата поврзаност со Олимписките игри
Фотографот Елио Дела Ферера, кој е одговорен за откритието, изрази надеж дека тоа „ќе нè натера сите да размислиме, истакнувајќи колку малку знаеме за местата во кои живееме: нашиот дом, нашата планета“.
Поради непристапноста на теренот, италијанското Министерство за култура објави дека за понатамошни истражувања ќе се користат беспилотни летала и технологија за далечинско набљудување. Националниот парк Стелвио се наоѓа во долината Фраеле, по должината на границата со Швајцарија, недалеку од локациите каде што ќе се одржат Зимските олимписки игри следната година.
– Како самата историја да сакаше да му оддаде почит на најголемиот светски спортски настан, спојувајќи го минатото и сегашноста во симболично предавање на палката помеѓу природата и спортот – соопштило италијанското министерство за култура.


