WEF / Flickr

Нетанјаху му се закани на Иран и ги „поучи“ гуштерите во израелската војска: „Ако не дојдеш во џунглата, џунглата ќе дојде кај тебе“

По обраќањата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на министерот за одбрана Израел Кац, се обрати и началникот на Генералштабот на израелската војска, генерал-потполковник Ејал Замир, кој изјави дека „очите на војската се отворени во сите правци, а прстот ни е поблиску до чкрапалото од кога било досега“.

Додека продолжуваат американските и израелските подготовки за можен напад врз Иран, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот упати остра закана до лидерите во Техеран доколку Иран испука ракети кон Израел, објави „Тајмс оф Израел“.

– Подготвени сме за секое сценарио. И едно е сигурно, ако ајатоласите направат грешка и нè нападнат, ќе се соочат со одговор каков што не можат ни да замислат – изјави тој на церемонијата за дипломирање кадети на Израелските одбранбени сили (ИДФ).

Нетанјаху рече дека Израел „дејствува рамо до рамо со нашиот главен сојузник, САД“ за да се соочи со иранската закана. За време на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон минатата недела, додаде дека му ја пренел „позицијата на Израел за водечките принципи за какви било разговори со Иран“.

Тензиите во регионот значително се засилија во последните денови, при што САД распоредија значителни поморски и воздушни сили, за кои се наведува дека се најголеми од 2003 година наваму. Иако САД и Иран одржаа две рунди нуклеарни разговори во изминатите недели, Белата куќа соопшти дека страните сè уште се далеку од договор. Трамп во четвртокот изјави дека очекува да донесе одлука за Иран во наредните 10 дена.

Трамп: За 10 дена ќе се знаете дали ќе се договориме со Иран или ќе одиме чекор понатаму

„Ако не дојдеш во џунглата, џунглата ќе дојде кај тебе“

Нетанјаху им порача на кадетите дека израелската безбедносна политика повеќе не се води од концептот на „задржување“ на заканите, туку дека Израел активно со соочува со заканите и надвор од своите граници.

– Ако не дојдеш во џунглата, џунглата ќе дојде кај тебе. Повеќе нема задржување на заканите. Повеќе нема „Мабам“ – рече тој користејќи го хебрејскиот акроним за т.н. „кампања меѓу војните“, концепт што ги водеше операциите на ИДФ, особено во Сирија и во Либан, во деценијата пред 7 октомври 2023 година. Нетанјаху беше на власт во целиот тој период, освен 18 месеци.

Германија ги повлекува своите војници од Ирак, тензиите растат откако Трамп му се закани на Иран

„Хамас ќе се соочи со една дилема“

Осврнувајќи се конкретно на Газа, Нетанјаху повторно вети дека Хамас ќе биде разоружан и дека Појасот Газа ќе биде демилитаризиран.

Зборувајќи во исто време кога Трамп се обрати на инаугуративниот состанок на Одборот за мир во Вашингтон, на кој изјави дека војната во Газа е завршена, Нетанјаху нагласи дека „нема да има обнова на Појасот пред демилитаризацијата на Појасот“.

– Набргу Хамас ќе се соочи со дилема: да се откаже од оружјето по лесниот пат или по тешкиот пат – изјави Нетанјаху.

Тој додаде дека демилитаризирани или безбедносни зони на непријателска територија се „витална потреба за да се намали опасноста од копнена инвазија“, посочувајќи дека ИДФ и понатаму се наоѓа на стратешки позиции во Сирија и во Либан.

На истата церемонија се обрати и министерот за одбрана Израел Кац, кој рече дека Израел ќе дејствува против „секоја закана, блиска или далечна“.

– Го обезглавивме раководството на хутската терористичка организација во Јемен, која го напаѓаше Израел, и ги отстранивме заканите за уништување врз државата Израел во рамки на операцијата „Изгрејсонце“ во Иран. Нема да дозволиме закани за уништување против државата Израел и во иднина, ќе дејствуваме против секоја закана, блиска или далечна – рече Кац.

Министерот додаде: „Од овде им порачувам на сите наши непријатели: не нè тестирајте и не ја предизвикувајте нашата решителност, зашто пред вас ќе застане обединет народ и силна, победоносна армија.“

По Кац се обрати и началникот на Генералштабот на ИДФ, генерал-потполковник Ејал Замир, кој изјави дека „очите на војската се отворени во сите правци, а прстот ни е поблиску до чкрапалото од кога било досега, соочени со каква било промена во оперативната реалност“.

Напредок има, но договор не е на повидок, објави Иран по нуклеарните разговори со САД

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот