Напредок има, но договор не е на повидок, објави Иран по нуклеарните разговори со САД
Иран и САД денеска се согласија за основните принципи, постигнаа разбирање за клучните прашања, но тоа не значи дека конечниот договор е на повидок, посочи иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Препорачано
Ова го кажа Арагчи по денешната втора рунда индиректни разговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД) за нуклеарната програма на Техеран, одржана во Женева.
„Се надевам дека преговорите ќе доведат до одржливо и договорено решение кое може да им служи на интересите на сите вклучени страни“, рече Арачки.
Вашингтон и Техеран повторно на маса, стартуваа нуклеарните разговори во Женева
Како што пренесува Ројтерс, американски официјален претставник изјавил дека Иран во наредните две недели ќе изнесе детални предлози за да се надминат разликите во нуклеарните преговори.
„Постигнат е напредок, но сè уште има многу детали за кои треба да се разговара“, рекол американскиот претставник.
Индиректните разговори меѓу специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, заедно со Аракчи, беа посредувани од Оман. Белата куќа досега не се огласи за средбата.
Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, во објава на Икс изјави дека „сè уште има многу работа што треба да се заврши“, но дека Иран и САД заминуваат со „јасни следни чекори“.
„Состанокот беше конструктивен. Заедно направивме сериозни напори да дефинираме бројни принципи за финалниот договор“, напиша тој.
Токму кога разговорите започнаа, иранските државни медиуми објавија дека Иран привремено ќе затвори дел од Ормускиот теснец, витална глобална рута за снабдување со нафта, поради „безбедносни мерки на претпазливост“, додека револуционерна гарда на Иран таму спроведуваше воени вежби.
Техеран и во минатото се заканувал дека ќе го затвори теснецот за комерцијалниот бродски сообраќај доколку биде нападнат, потег што би прекинал една петтина од глобалните текови на нафта и би ги зголемил цените на суровата нафта, пренесува Ројтерс.
Реагирајќи на коментарите на Трамп дека „промена на режимот“ во Иран можеби е најдобриот пат, врховниот лидер на земјата, Али Хамнеи, предупреди дека секој обид на САД да ја соборат неговата влада ќе пропадне.
„Американскиот претседател вели дека нивната армија е најсилната во светот, но и најсилната армија во светот понекогаш може да биде удрена толку силно што нема да може да стане“, изјави тој.


