Неразбрана од општеството, била среќна кога нашла луѓе подеднакво несреќни како неа, од 29 години велела дека е вдовица, а се смета за најталентирана глумица на сите времиња

фејсбук

Беше вечна бунтовничка, најталентирана глумица на сите времиња, а нејзиниот живот трагично згасна пред 12 години.

„Децата мислат дека глумата е кога си некој друг, а Соња зборуваше дека глумата е кога си свој“, со овие зборови глумецот Драган Николиќ се присети на својата колешка Соња Савиќ.

Талентираниот актерски бисер, како што ја нарекуваа, Соња Савиќ, била родена во 1961 година во Чачак. Нејзиниот талент бил рано препознаен, веќе на 16 годишна возраст ја имала првата голема улога, а после втората година гимназија се запишала на Факултетот за драмски уметности во Белград. Нејзината класа била наречена класа на висок ризик.

Во текот на 80-те години припаѓала на новиот бран белградски уметници заедно со Милан Младеновиќ. Овој период на животот го сметала за најдобар. Останала запаметена како неразбрана личност, а уште од почетокот на кариерата била сметана за поинаква.

Како и нејзините врснички, сонувала за брак и за деца, со признатиот џез музичар Влајко Лалиќ. Во него се вљубила на 15-годишна возраст, тој бил и останал нејзина најголема љубов. Ги раздвоила неговата прерана смрт, во 1990 година, кога се удавил на едрење поради олуја.

– Додека бев млада, често размислував како ќе имам брак и семејство со човекот кој бескрајно го сакам и кому потполно ќе му се посветам. Имав голема љубов. Откако тој си замина од мојот живот, кога имав 29 години, себе се сметам за вдовица“, рекла своевремено Соња во едно интервју во 2007 година.

фото фејсбук

Патот на уметниците го сметала за многу тежок.

-Кога после дипломирањето требаше да одлучам дали или не ќе се вработам во некој театар, сфативдека успешна кариера, бракот и семејството не можат да одат заедно. Се определив за кариера, иако љубов никогаш не ми недостигала, рекла Соња.

Во раните 90-ти години играла во култната „Шеќерна водичка“, а за улогата била наградена со Златна арена во Пула. Оттогаш снимила над 40 филмови, а во најплодниот актерски период играла и во пет филмови годишно.

Но да се вратиме на 80-те години, годините на нејзината младост во кои бегајќи од реалноста и тагата добро се забавувала. Патувала низ Европа и соработувала со уметниците од поранешните простори на Југославија. Тогаш уметниците се собирале во Пивара и СКЦ во Белград, во Загреб во Кулушиќ, а во Љубљана во ДКЦ. (Оттука и е и надимакот Соња Пивара). Целата генерација се занимавала со стрип културата и мултимедијални проекти, а токму од таа генерација излегле низа врвни уметнички имиња. Во тие години се формилара и алтернативна театарска група „Нова осечајност“, а Соња зборувала дека се „тристо отсто подобри од меинстримот и тристо отсто полошо платени“. Генерацијата била позната како „генерација на неисплатени хонорари“.

– За хонорарите е смешно да се зборува. Никој од нас не беше платен! Луѓето ме прашуваа, како тоа салата е преполна, а вие немате пари? На тој начин што 97 отсто од продажбата на картите одеа во државата, 3 отсто на дистрибутерот на филмот, а само 0,03 отсто на екипата. Кој ќе ми ги плати сите репризи во изминатите 15 години? Кој ќе ми ја плати продажбата на VHS касетата на „Шеќерна водичка“? Од филмот не добив ни цел хонорар кој беше 20 илјади динари, а јас до денес добив само 9 илјади динари“, зборувала Соња.

фото фејсбук

Во 1991 година живеела во Њујорк, но со почетокот на војната, спротивно од оние 300 илјади луѓе кои ја напуштиле земјата, таа се вратила во Србија. Во 90-те години поретко глумела, многу повеќе режирала и основала алтернативна сцена Погон во Домот на младината во Белград. После 2000.та година, Соња на големото платно соработува само со словенечки продуценти. Сметала дека српските режисери не се доволно талентирани, а барала „пописмени и поинтелигентни“ кои ги наошала во младите режисерски имиња.

Својот град Белград истовремено го сакала и го мразела. Но секогаш му се враќала.

– Ние сме ужасно затруено племе. Полни сме со предрасуди едни кон други, полни со отров, со промашеност. Сè што беше интелектуално – исечено е, сè што беше самостално – забрането е. Ни останува нивото на проповеди, што е страшно“, рекла Соња во едно интервју.

Често зборувала и дека Белград неправедно ја запоставил.

– Бев изненадена кога во Хрватска ме слават на некои листи за најдобри глумици, ми зборуваа – нашата убава, убава Соња Савиќ, додека тука цело време се обидував да ја одржам урбаната култура, но тоа никој не го забележуваше. Овој град изгледа нема афинитети кон мене. Знам и дека реформите на костимите, шминката и мизансценот во филмот во осумдесеттите години може да се препише на Соња Савиќ, но повторно никому ништо. Здолниште од скај и сако на голо тело пред мене не се носеа, ги боев со туш ноктите во црно зашто таков лак не постоеше…Мислам дека уште не сум добила улога во која можам да се искажам. И уште нешто, до мојата 45 година јас уште не сум добила сериозен хонорар за мојата работа“, рекла Соња.

Две години после оваа нејзина изјава починала, во 47 година од животот. Била пронајдена мртва, сама во својот стан, а со обдукција било утврдено дека починала од преголема доза на наркотици – хероин и морфиум. Страшно било и што станот немал воопшто мебел.

Влада Дивљан тогаш рекол дека „никако не успеала да го протурка ова наше време“.

А самата Соња има изјавено – „Велат дека бевме среќни. Јас бев среќна кога понајдов луѓе кои беа еднакво несреќни како мене“.

Еве некои од цитатите на Соња Савиќ кои се незаборавни:

– (…)Така дознав дека бев љубов на нечиј живот, а тој некој живееше со друга. Или дека сум јас света жена, жена која си ги сече вените поради некој трет човек. Што сум постара, толку помалку разбирам.

– Ако некаде имаше отпор, тогаш тоа е Србија. Еве, јас сум пример! Од 1987 па до 2003 година немам допир со режимот.

– Не сакам да живеам по некои правила, да бидам сноб, салонска жена, која секој ден има нешто програмирано. Мислам дека оној кој однапред знае како ќе реагира, е промашен човек.

– Ова општество не го простува фактот дека некој едноставно може да биде добар човек, без скриени намери и лична корист.

-Мојот живот е потполно уништен и разорен. Овде, ако немаш дебел грб, ова е родовска заедница – немаш опстанок.

– Да се исфрлат сите грчеви од телото значи да се освести се она што болело. Не се срамам од солзите. Тие често навираат зашто тоа е тој, преоден период, кога полека се претвараш во карпа(…). Го знаете оној клинец што дошол во манастир и викал – Оче, јас ги сакам луѓето! Јас ги сакам луѓето! А јас навистина колку ги сакав луѓето. Боже, колку многу ги сакав…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот