Неодолив зимски рецепт на Стефанија Несторовска: Тиква чискејк барови

Фото: Приватна архива

Младата инвентивна Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, денеска ни приготви тиква чискејк барчиња, за уживање во сезоната на постудени денови.

База: 135 г (1/12 шолја) овесни снегулки, 50 г (1/2 шолја) ореви, 5 лажици кокосово масло (стопено), 2 лажици агаве, 5-6 урми.

Фил: 280 г (2 шолји) индиски ореви, киснети преку ноќ, 120 г (1/2 шолја) млеко од кокос, во конзерва (и малку повеќе ако има потреба), 230 г (1 шолја) пире од тиква, 55 г (1/4 шолја) кокосово масло (растопено), 2 лажици агаве сируп, 1 лажичка цимет, 1/2 лажичка ѓумбир, 1/4 лажичка морско оревче.

За украсување: еден прстофат тостирани бадеми (во рерна 15-20 минути), кокосов чипс

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Подгответе си ги калапите што ќе ги користите. Со оглед на тоа што овој рецепт не се пече, може да користите буквално секаков калап. Јас користев силиконски модли, но слободно може да користите тава за печење леб, керамички или стаклен сад, калап за торта и слично. За силиконски калапи не ви е потребно обложување со хартија за печење, но за сѐ друго користете хартија за печење за полесно вадење на колачот.

Во блендер се додаваат овесните снегулки и оревите. Се блендира сè додека се соединат и измелат како брашно. Се додаваат и другите состојки за базата и се блендира повторно сè додека се добие леплива смеса. Треба да биде лесна за формирање и да може да се соедини. Доколку има потреба, додадете уште некоја урма.

Добиената смеса се додава во калапот што ќе го користите. Убаво се притиска на дното од садот/калапот и се израмнува на површината за да биде убава, рамна подлога за филот. Се остава настрана додека го подготвуваме филот.

Најпрво се одмиваат индиските ореви од водата во којашто стоеле. Се процедуваат. Се додаваат во блендер заедно со сите други состојки (освен тиквата) и се блендираат сè додека се добие кремаста, изедначена смеса. Се додава половина од добиениот фил на базата, останатата половина ќе ја блендираме со тиквата за да се добие бел-портокалов пресек.

Се остава тавата во замрзнувач да се зацврсти околу 30 минути. Потоа, на другата смеса што ни остана во блендерот се додава и пасираната тиква и повторно се блендира за да се добие убава портокалова боја. Може да има потреба да додадете уште малку кокосово млеко ако смесата е премногу густа.

Се додава и остатокот од филот врз белиот фил и се проросува со тостираните бадеми и кокосот. Може да користите секакви топинзи по желба.

Се остава во замрзнувач (идеално преку ноќ) најмалку 2 часа пред да се сече или да се извади од калапите.

Овие барчиња мора да ги чувате во ладилник за да не се стопат. Рокот на траење им е доста долг, а ако сакате да го продолжите – чувајте ги во замрзнувач и до 1-2 месеци. Пред консумирање, само оставете да дојдат до собна температура и може да се послужат.

СОВЕТ: Ако не ви се чека или немате многу време, може да блендирате сè одеднаш без да правите слоеви. Така ќе биде многу поедноставно, а подеднакво вкусно. Слоевите се за поубава визуелна слика, инаку нема да влијаат врз вкусот на тортата.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

1. Оревите во базата може да се заменат со кои било други јаткасти плодови.

2. Агавето и во базата и во филот може да се замени со друг течен засладувач. Сируп од урми, мед, јаворов сируп, меласа и слично…

3. Млекото од кокос не препорачувам да се менува со друг вид/тип млеко. И од големо значење е да се користи млеко во конзерва. Може да го најдете во поголемите маркет или продавници за здрава храна.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот