Ненадејно почина Милан Бандиќ, политичарот кој цели 20 години владееше со Загреб

Долгогодишниот загребски градоначалник Милан Бандиќ вечерва ненадејно починал откако доцна во ноќта му се слошило, по што итно бил хоспитализиран во загребската болница „Свети Дух“.

Докторите не успеале да му го спасат животот на Бандиќ, кој бил примен со влошена здравствена состојба, откако доживеал срцев удар. Како што пишуваат хрватските медиуми, ниту реанимација не помогнала по што  срцето 66 годишниот Бандиќ престанало да чука.

Политичарот подолго време се соочувал со сериозни здравствени проблеми, пишува хрватски Индекс. Во 2003 година преживеал тежок мозочен удар, додека во 2018 година му бил вграден стент. Дијагностицирана му била и белодробна емболија, а му биле извршени и неколку операции, последната, лани, на гласните жици.

Градските власти изразија жалење за ненадејната смрт на Бандиќ кој во 2000 година за првпат беше избран за градоначалник на Загреб. Во 2002 беше приморан да си поднесе оставка откако предизвика сообраќајна незгода во пијана состојба, обидувајќи се да го подмити полицаецот. Сепак, по само три години, на следните локални избори во 2005 година, тој повторно се враќа како градоначалник на Загреб.

Контроверзниот Бандиќ дури двапати во текот на својата градоначалничка кариера бил во притвор како осомничен за финансиски малверзации, сепак ниту еден од скандалите кои беа поврзувани со неговото име не ги спречи граѓаните на хрватската престолнина повторно да му ја дадат довербата и да го изгласаат за градоначалник.

Со шесте градоначалнички мандата зад себе, Милан Бандиќ заминува како политичар кој цели 20 години беше на челната позиција во Загреб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот