Ненадејно почина ѕвездата балерина Михаела де Принс на 29 години
Балерината Михаела де Принс почина на 29-годишна возраст, оставајќи го светот на уметноста во тага. Веста за нејзината ненадејна смрт е објавена на социјалната мрежа Инстаграм, а причината не е соопштена.
Де Принс е родена во Сиера Леоне и поминала години танцувајќи со Националниот балет во Амстердам. Во пораката што ја објави нејзиниот тим, истакнато е дека со својата уметност допрела многу срца, многумина инспирирала и оставила неизбришлива трага во светот на балетот и пошироко.
– Со тешко срце ја споделуваме веста за смртта на ѕвездата балерина Михаела Мебинти де Принс, која со својата уметност допре многу срца, многумина инспирираше и остави неизбришлива трага во светот на балетот и пошироко – се наведува во пораката.
Михаела де Принс поминала низ тешко детство, на рана возраст ги изгубила родителите и завршила во сиропиталиште каде што била малтретирана. На само четири години, ја посвоил американски пар кој ја поддржувал да го оствари својот сон да стане балерина. Иако ѝ било кажано дека го нема соодветниот тип на тело и боја на кожа за балерина, Де Принс не се откажала.
На 17-годишна возраст, Михаела заминала во Европа и се приклучила на Националниот балет во Амстердам, каде што станала втор солист. Тед Брандсен, директор на Националниот балет, ја опиша како танчарка со огромна сила на скокање и голема харизма. Нејзиниот познат настап од 2015 година остана запаметен како инспирација за многумина.
Михаела де Принс ги освои срцата на публиката низ светот со нејзината страст за танцот. Нејзиниот талент не остана незабележан и доби можност да се појави во спотови на Бијонсе и холандскиот бенд „Chef’Special“, како и да ја игра главната улога во филмот „Coppelia“ (2021). Нејзината желба да им помогне на децата во војната произлегла од нејзиното сопствено искуство, а организацијата „Војна дете“ (War Child) изрази тага поради веста за нејзината смрт.