Немања Матиќ: Регионалната лига е единствениот спас за клубовите од овие простори
Со години, речиси децении, во просторите на поранешна Југославија циркулира идејата за обединување на републиките од поранешната, голема заедничка држава во фудбалот, по примерот на кошарката, ватерполото… Сепак, сè останува мртва буква на хартија, но сепак е една од најрециклираните медиумски теми од Словенија до Македонија.
Препорачано
Немања Матиќ, новиот играч на Сасуоло и главен финансиер на прволигашот Јединство од Уб, е последниот на кого му е поставено прашање за тоа. И тој даде долг одговор во интервјуто за угледниот „Спортске новости“ од Хрватска.
– За мене, регионалната лига е единствениот спас за клубовите од овие простори, убеден сум дека еден ден ќе оживее. Ние сме мали земји, не сме интересни за спонзори, телевизии или богатата Европа. Замислете само Црвена звезда да играше во Пољуд или Динамо во Нови Сад. Секој натпревар би имал преполни стадиони: сите би имале корист – вели поранешниот српски репрезентативец.
Матиќ не е единствениот кој би сакал да види такво натпреварување, но сите се плашат од безбедносни ризици, бидејќи фудбалската публика е генерално поагресивна од другите, а стадионите се поизразен одраз на ситуацијата во општеството.
– Па, подготвени сме, зошто да не? Проблемите ги предизвикуваат мали групи на интереси и неколку идиоти кои сакаат да се нарекуваат навивачи. Нормалните луѓе не гледаат ништо контроверзно во основањето на таква лига. И јас сум навивач, го сакам мојот клуб, а не сум хулиган. Го навивам мојот Јединство УБ, но не одам на стадион да се тепам или навредувам некого. Сè зависи од политичката волја – проблемите можат да се решат за еден ден ако има интерес. Штета е што сега го нема, а гарантирам дека за 10 години би имале лига на европско ниво – рече поранешниот играч од средниот ред на Манчестер јунајтед, Бенфика, Кошице, Челси, Витесе и Рен.


