НЕМА ВАКЦИНИ, НЕМА УЧИЛИШТЕ: Околу 200 првачиња не следат настава

Фото: Профимедиа

Според податоците што Министерството за образование и наука до петокот ги добило од терен од просветните инспектори и кои се досега обработени, околу 200 првачиња од целата држава не се запишани во учебната 2019/2020 година затоа што не се вакцинирани.

– Можеби ќе биде и поголем бројот, но поентата не е тоа. И за едно дете да се работи, ние треба да делуваме како институции, но треба да го почитуваме Уставот, законите и решението на Уставниот суд, кој за ова прашање се огласил и го третирал со конкретни насоки. Се разгледуваат сите можни опции – и околу законскиот аспект, и околу бројот на незапишани на национално ниво. Податоците на кои се повикуваат родителите во врска со вакцинацијата, како и оние за досега незапишани првачиња ќе ги отворам на посебна седница на Владата, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми, одговарајќи на новинарски прашања пред состанокот на работната група за концептот за инклузивно образование.

Истакна дека имал неколку средби со родители на невакцинирани деца, во присуство и на други надлежни министри и на премиерот, и на тие средби ги разгледувале сите законски аспекти.

На прашање дали во меѓувреме, до конечната одлука, ќе се дозволи овие деца да посетуваат настава, Адеми одговори дека МОН е во постојана комуникација со Министерство за здравство и ја следат ситуацијата. Повтори дека за да се зголеми достапноста и опфатот на вакцинирани, овозможена беше и теренска вакцинација на децата.

Откако минатата зима се рашири заразата со мали сипаници, а во април беше прогласена и епидемија од морбили на национално ниво, беше одлучено градинките и училиштата да ги примаат само децата за кои ќе се приложи вакцинален картон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот